Дукс: Очекуваме одлука за почеток на преговорите од министерскиот состанок

221

Унгарија очекува следната недела Советот за општи работи, во кој члeнуваат шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ да биде донесена одлука за отворање на пристапните преговори на нашата земја, изјави денеска во Скопје амбасадорот на Унгарија Ласло Дукс.

– Се надеваме дека Советот на министрите следната недела ќе донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија. Унгарија силно поддржува ваква одлука и се обидуваме да ги убедиме земјите – членки кои сеуште се воздржуваат околу тоа дека ова е прашање на кредибилноста на ЕУ – рече унгарскиот амбасадор на конференцијата насловена „Иднината на политиката на проширување на ЕУ во светло на изборите за Европскиот парламент“, организрана од унгарскиот Институт за надворешни работи и трговија.

Тој посочи и на заедничкото писмо на 13-те земји членки меѓу кои е и Унгарија, што беше објавено вчера, во кое се дадени аргументи во прилог на очекуваната позитивна одлука.

Во однос на новиот состав на Европскиот парламент амбасадорот Дукс изрази надеж дека тој ќе остане институција која ја поддржува политиката на проширувањето.

– Сите унгарски партии кои се претставени во ЕП го поддржуваат проширувањето, вклучувајќи и почеток на пристапните преговори со Република Северна Македонија – рече амбасадорот на Унгарија во земјава Ласло Дукс.

Состанокот на Советот за општи работи, во кој членуваат министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе се одри на 20 и 21 јуни во Луксембург и ќе претходи на самитот на Европскиот совет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...