Поизвесна е реконструкција на Владата отколку предвремени избори

3444

Бундестагот во септевмри ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Македонија, е веста која пристигна од Берлин откако утрово премиерот Зоран Заев имаше 40-минутна средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

По оваа информација извесно е дека парламентарни избори ќе нема. Засега, никој од власта не сака да се „истрча“ со тврдења дека најавата на Заев за избори е веќе минато, но очекувањата и прогнозите им се дека лидерот ќе се врати на планот за реконструкција на Владата и освежување во партиските редови.

За официјално да ја соопштат партиската одлука, социјалдемократите ќе почекаат лидерот да се врати од Берлин, но и да се одржи состанок на Централниот одбор. Иако официјално тој сѐ уште не е закажан, најавите се дека тој ќе се случи викендов.

Покрај одлуката што ќе се случува со извршната власт, според партиски извори, може да се очекува во текот на викендот да биде познато и новото раководство на СДСМ откако претхоно Заев ги разреши шестмината потпретседатели, генералниот секретар и Извршниот одбор. Исто така, тој ги разреши и сите 78 претседатели на општинските организации.

Сите места се испразнети и треба да се пополнат, освен тоа на генералниот секретар каде министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, го замени по Алекандар Кирацовски. Вчера беа пополнети и само 30 од места за општински претседатели, од кои 15 се реизбрани за нов мандат.

По доделување на партиските функции, фокусот ќе остане само на долгонајавуваната „метла“. Како ќе се изведе таа, дали само со реконструкција или со гласање на целосно нова влада, ќе се прецизира во наредниот период бидејќи сѐ уште нема јасни ставови околу законските одредби. Законот предвидува лимит дека ако се смени повеќе од една третина од составот на владата, Собранието ќе треба да гласа за целата влада по водење на единствен претрес. Затоа тука се дилемите дали во таа една третина се сметаат сите промени направени од почетокот на новата Владата или само новите што сега ќе ги предложи Заев.

Без разлика какво ќе биде конечното правно толкување на власта, сите промени треба да завршат до крајот на јуни, велат од партијата потсетувајќи на изјавите на лидерот.

Реконструкцијата веќе е договорена, но се пролонгираше поради средбата на Заев со Меркел.

– Ако останеме на реконструкцијата, верувам дека до половината на месецот или до крајот на јуни ќе се случи поради тоа што немаме многу време за губење. Плановите се ако сѐ биде во ред на идната седница веќе во делот на директорските места во државата да се случат одредени промени, така што продолжуваме со тоа што е најавено за да може министерските места да останат за самиот крај – изјави премиерот пред заминувањето за Берлин.

Од директориските места кој ги најави тој, во текот на оваа недела немаше големи промени. Пред два дена на местото на Ѓоко Котевски, кој си поднесе оставка од директорското место на затворот во Шутка беше назначен Есад Рахиќ, а за директор на новата Агенција за национална безбедност беше избран досегашниот државен секретар во МНР, Виктор Димовски.

Кога станува збор за министерските функции, кои ќе останат последни за метење, Заев официјално досега изјави дека најмалку тројца ќе бидат сменети. А имаше и изјава дека веројатно промени ќе има само кај министрите мажи, додека жените ќе си ги задржат позициите.

Неофицијално, не се исклучува ниту рокада на секторите меѓу СДСМ и ДУИ, а досега најмногу се шпекулираше за трампа на ресорот за транспорт и врски со тој животна средина и екологија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...