Во Основниот суд во Штип денеска е одложено судското рочиште за отворање или не на стечајна постапка за градежната компанија „Бетон“.
Судијката, Маја Џорлева од Основниот суд во Штип кој го води предметот вели дека причината за одлагањето е се уште не готов извештај на привремениот стечаен управник Драги Димовски од Струмица кој има, како што вели, обемна работа за подготовка на овој извештај, бидејќи мора и да изанализира околу 30 имотни листа, односно објекти т.е. недвижен имот што се во сопственост на компанијата „Бетон“. Затоа се дава и рок на привремениот стечаен управник да го направи извештајот, а рочиштето е презакажано за 2 јули.
Тројца доверители бараат отворање стечајна постапка за компанијата „Бетон“, но со отворањето на извештајот на 2 јули ќе се знае колкав е долгот и побарувањето на оваа компанија.
Судијата има одредено и времена мерка, односно забрана за располагање на имотот и за негово извршување. Џорлева појаснува дека со оваа мерка имотот на „Бетон“ не може да се продаде, ниту, пак, да се наплати долг преку извршители.
Компанијата „Бетон“ пред неколку години беше втора по големина градежна компанија во земјава, а на јавноста и е позната како најголем корисник на тендерите за проектот „Скопје 2014“ за што заработи и 55 милиони евра. Оваа компанија беше споменувана и во „бомбите“ кои како доказен материјал завршија во СЈО.