Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, вели дека револуционерот Гоце Делчев бил директор и учител во бугарско училиште во Штип.
– Гоце Делчев беше учител и директор во бугарското училиште во Штип. Тогаш немаше македонски училишта, имаше српски, грчки, бугарски, е зошто Гоце Делчев избрал да биде директор во Бугарското училиште?
И не само Гоце Делчев, и Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Никола Карев, Пере Тошев, сите тие беа учители во бугарските училишта во Република Македонија. Ние сами бегаме од некои работи кои се јасни ко два и два…- рече Георгиевски.
Пред неколку дена по повод неприфаќањето на бугарската комисија за заедничко чествување на Гоце Делчев на датумот 7 октомври, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, рече дека Гоце Делчев самиот се изјасил како Бугарин.
Посочениот датум е спорен за Бугарите, зашто ја одбележува годишнината кога Бугарија ѝ ги предала на Македонија останките на револуционерот, што за Захариева е едно од најголемите предавства кон Бугарија.