Човековите права како врвна вредност на едно општество за сите

535

Со години ги слушам истите приказни кои се повторуваат како на изџвакана лента: дека сме лоши, дека сме исти, дека сме неодлучни и дека не знаеме што сакаме; се разбира, сѐ ова погоре е приказна на „општи места“ кои треба да ја конкретизираат нашата реалност. Па, дозволете во оваа прилика, малку да ламентирам за моите „погледи на светот“ и борбата за човекови права. На пример, што е тоа што може да се дефинира и да излезе од рамката? Тоа е борбата за човековите права, сите оние активисти – дел од нашето општество на кое и самиот припаѓам – луѓе кои водат однапред изгубени битки, неколку невладини организации и неколку храбри и одлучни поединци. Она по што се разликуваат успешните од неуспешните земји, не само во изградба на праведно, модерно и подобро општество, туку и во изградба на функционална и одржлива економија, е во суштина промената на системот на вредности.

Сега, предвидливо, ќе „гракнат“ дежурните др(н)каџии: какво модерно општество, море, ти, беден, Јовановиќу, нели гледаш сѐ е на глава, сѐ е ориентирано на лична корист и мазнење (или мастење) на сопствениот задник, и така натаму и на тоа слично. Така зборува човек од масата, од онаа „критична маса“ која е дел од телефонски јавувања низ нашите телевизии, луѓе кои имаат нешто да ѝ кажат на „телефонската слушалка“; a оние кои сакаат да менуваат вредности во ова општество, не се бесат на телевизија, туку се обидуваат во реалноста нешто да променат. Сакам да кажам дека се удавивме во приказните „за народот“, се удавивме во метафората „јас сум човек од народот“. Според тој „народ“, омилена флоскула за сите потенцијални автократи и диктатори, и ден денешен се креираат политики, се штелува јавно мнение, се одредуваат курсови на држави.

Оттука, денес во Македонија седумдесет проценти (оваа проценка е „од око“, бог да нѐ чува ако се докаже – со сериозни истражувања – дека бројот е поголем) од граѓанството смета дека нам ни е потребна „цврста рака“ наспроти демократските процедури, погрешно градејќи ја својата парадигма која вели: само цврста рака ги наградува праведниците а ги казнува виновниците, иако до сега, на свој, и на безброј други примери, се докажа дека секогаш е обратно, дека тоталитарната власт е секогаш параван за неспособност, глупавост, криминал и корупција, параван за демагогија и популизам. Видовме многу добро во нашето непосредно минато. Зарем треба да повторуваме (не)научени лекции?! Владеењето на „цврста рака“ е секогаш систем во кој оние кои молчат и не се бунтуваат поминуваат само малку полошо од оние останатите. Во денешна Македонија луѓето кои се појавуваат во медиумите и кои се претставуваат во централното време се потполно надвор од сферата во која би можеле да развијат суштини, теми и прашања, посебно кога се работи за човековите права, тема која е прекомплицирана, бидејќи луѓето се преморени од бескрајната транзиција, разочарани во сите и секого, за на крајот да остане некоја апстрактна работа на некои бриселски бирократи или политичари кои веќе не можеме да ги слушаме.

Нашата традиционална незаинтересираност за модернизација на државата, која најлесно се мери така што само треба да се види степенот на остварените човекови права и слободи, дури би требало да се мери во оној степен во кој секој еден граѓанин на оваа држава го има своето суверено право слободно да мисли, зборува, пишува, работи, љуби и, на крајот, да живее. Денес, кога и самата Европа ја живее својата колебливост и дезориентација, денес кога се сеприсутни тероризмот, бегалците, што во превод би значело неспособност да се живее според зададените правила, или затворање во сопствените граници, докажувајќи ни дека Македонија тешко ги менува своите навики и заблуди.

Во оваа земја зборовите „промена“ и „реформа“ се ужасно потрошени, дури ги избегнуваат и самите политичари. Во Македонија отворањето на преговорите со Европа и трансформацијата која земјата треба да ја доживее отворајќи ги и затворајќи ги пристапните поглавја, се комплетна енигма дури и за оние кои ја водат државата: борба за човековите права и борба за вредностите кои светот го направија подобро место за живеење мора да биде приоритет на секој добронамерен човек во оваа земја, мора да биде почетен хумус на секоја добра и одговорна политика, што значи и тоа, дека овие теми мора да бидат во фокусот на активистите, новинарите и јавните личности кои, освен што сакаат чесно да се занимаваат со својата работа, ѝ посакуваат добро и на својата земја.

Кога зборувавме (и ќе зборуваме!) Македонија да се дистанцира од десетгодишното злосторство, кога протестиравме за Кежаровски, кога протестиравме за контролата која беше правена во наше име, кога протестиравме за сѐ што ни се случи, го правевме тоа не затоа што тоа беше цивилизациски исчекор, туку го правевме тоа затоа што имавме емпатија за жртвите. Го правевме тоа затоа што сакавме да докажеме дека сме тука за различниот, тука сме за оној кој различно изгледа, различно мисли. Кога се бунтувавме за бегалците, не се бунтувавме затоа што ние самите сме бегалци, туку сакавме да докажеме дека општество кое не се грижи за оние кои се во неволја, на крајот нужно ќе се изеде самото себе. Кога сум зборувал, за ова прашање најчесто приватно, дека жената не е слугинка, го зборував тоа затоа што секогаш сум имал почит кон жените, на ист начин како што имам почит кон самиот себе. Кога го браневме сечие право да биде тоа што сака, тоа го правевме за да се одржиме себе и вредностите во кои верувавме.

Денес дилемите за зачувување на човековите права и слободи веќе не се привилегија на неодредени и несовршени општества. Никогаш повеќе оваа земја не смее да си го дозволи искушението своите граѓани да ги контролира, прислушува, да им задира во приватноста, да им ја ограничува слободата, да им ја ограничува слободата на секој еден што е сомнителен. Има денес луѓе во оваа земја кои се противат на „свет без граници“, ама забораваат една важна работа: денес светот без граници е свет со гарантирани човекови права, а тој свет е создаден заради потребата на луѓето ефикасно да работат и подобро да живеат. Денес исто така се заборава дека земјите со најголема благосостојба биле земји кои претходно имале уништена економија, хиперинфлација, зло и тоталитаризам. Денес исто така се заборава дека проектите „национална држава“ се неодржливи на начин кој беше поставен пред еден или два века. Следствено на тоа, ние во оваа земја мора да го спасуваме она што е највредно за спасување. Ако тврдо ги чуваме нашите „национални граници“, ќе изгубиме. Ако ги браниме нашите вредности, ќе има спас, и за нас и за светот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...