Ако зборуваме за подобрување на бизнис климата во државата како предуслов за зголемување на економскиот раст, не може, а да се не се споменат прашањата поврзани со правосудниот систем, посебно од аспект на нивната ажурност и во делот на поголемите дискрециони овластувања во одредени случаи. Стопанската комора на Македонија секогаш ги почитува и верува во институциите на системот, а прашањата кои се покажале како проблематични за компаниите – членки, се обидува да ги решава на институционален начин, онака како што доликува на една долгогодишна и успешна „куќа на бизнисот“.
Состојбите во областа на правосудството, иако навидум не толку знач a јни за компаниите, сепак имаат големо влијание врз нивната ликвидност и секојдневно нормално функционирање. Доказ за тоа се секако и многубројните извештаи на домашни и меѓународни институции и експерти за оценка на состојбите и за напредокот на државата, во кои оценката на состојбите во правосудството и констатациите за негово подобрување се неизоставен дел.
Така , согласно последниот Извештај на Европската комисија за земјава, судскиот систем се оценува како умерено подготвен, при што позитивно се оценуваат напорите на властите за усогласување на правилата со кои се регулира судскиот систем со меѓународните стандарди и практики. Во Извештајот, експлицитно е наведено и едно суштинско прашање, а тоа е дека покрај измените во легислативата, неопходно е и во практиката на работа на судовите, преку дополнителни напори, да се работи на враќање на довербата на јавноста во судството.
Во спроведените анкети во изминатите години во Комората, како слабости на судскиот систем, кои најчесто се посочуваат од страна на компаниите се долгото траење на судските постапки (без оглед дали станува збор за редовна парнична постапка, постапка во стопански спорови, или постапка во споровите од работните односи), при што просекот се движи околу 3 (три) години, но голем број од компаниите имаат спорови кои траат 7-8 години само во спроведувањето na првостепената постапка, или спорови кои траат речиси 10 години. И покрај ваквите искуства на компаниите, практиката покажува дека само мал број од нив се одлучуваат да поднесат барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија, а уште помалку да поднесат претставки и поплаки за работата на судовите и судиите до Судскиот совет на Република Северна Македонија. Сето ова најчесто е резултат на непочитување на законските одредби за роковите за преземање на определени дејствија во постапката или неажурност на судските службеници, проблемите со доставата, но во одредени случаи и поради невоедначената судска пракса, предолгото траење на постапката по жалба и слично.
Дополнително, во практиката долги години претставува проблем постапувањето на претседателите на основните судови, применувајќи го членот 218 , став 2 од Законот за извршување, согласно кој, во ситуации кога треба да се спроведе извршување врз предмети и права на Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство определува кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот. Притоа, во праксата, постојат голем број случаи каде како такви се определени, ни повеќе ни помалку – сите подвижни предмети и сите парични средства кои се наоѓаат на сметка во банка и со тоа целосно се оневозможува спроведувањето на присилно извршување кон овие субјекти иако имаат правосилна и извршна пресуда за постоечки долг за кој не само што не го наплатиле навреме, туку и повеле и ја завршиле успешно судската постапката за негова наплата, но на крајот повторно се оневозможени да ја реализираат, односно извршат донесената пресуда. Одредбата од членот 211 (сега член 218) ја доведува до прашање еднаквоста на субјектите во правниот промет, што во крајна линија, го попречува нормалното функционирање на правниот поредок. Токму ова прашање, години наназад преку Иницијатива на Стопанската комора на Македонија, беше посочено како проблематично, со конкретен предлог за негово надминување. Но, законските одредби сѐ уште се исти, непроменети и понатаму останува нерешен наведениот проблем.
Ефикасното функционирање на системот на заштита на правата има големи импликации врз работењето на деловните субјекти. Неможноста во судска постапка да се оствари заштита на правата кои се оспорени, повредени или на друг начин загрозени, или неможноста тоа да биде остварено во што пократок рок и со што помали трошоци, директно влијае врз ликвидноста на деловните субјекти, а со тоа и на резултатите на нивното работење. Иако компаниите забележуваат определен напредок, сепак нивниот генерален став е дека траењето на постапките за наплата на побарувања во должничко-доверителските односи е се` уште неразумно долго.
Во секој случај, за пофалба е фактот што го потврдува и Европската комисија во својот Извештај за оваа година, дека нема заостанати случаи во судовите и дека се подобрува ефикасноста во нивното постапување. Но, исто така, особено значајно е што се идентификува и потребата за холистички пристап во спроведувањето на реформата на правосудниот систем, која ќе ги вклучи сите засегнати страни, не заборавајќи ја и бизнис заедницата, во соочувањето со преостанатите предизвици на овој план.
Подобрувањето на состојбите во правосудството е значајно прашање кое директно ќе влијае и врз подобрување на ликвидноста на компаниите, а со тоа и поттикнување на економскиот раст – она што е во основата на нашето постоење и залагање. Во таа насока се и нашите залагања за пократко траење на судските постапки, а уште повеќе и за користење за алтернативните начини на решавање на споровите, како што е Арбитражата, ефикасно спроведување на донесените правосилни пресуди, без какви било правни пречки, воедначена судска пракса, помалку правни празнини, а многу повеќе владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.