Нека ми биде дозволено поентата на оваа колумна да ја направам преку една лична анегдота…
Имено, кога во 1996 година бев сменет од функцијата директор и главен уредник на Македонската телевизија – овде не е ни важно кои се причините за тоа, иако, кога би тенчеле, и денеска, за жал, тие причини уште како се релевантни за сегашните состојби во МРТВ – за мојата смена дознав преку прочитана вест на телевизијата чијшто главен уредник бев самиот! … Да, знам, да се скинеш од смеење!
Зад смената стоеја некакви „високи политики“ на тогашната коалиција на власт предводена од Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, иако имаше една небитна госпожà која беше конкретниот „изведувач на работите“ во самата радио-телевизија. Со тоа заврши мојот двегодишен ангажман, единствен во животот на некоја јавна функција.
Така тоа го прави СДСМ: многу се љубезни и настојчиви ако треба да ве убедуваат да се нафатите да оправате „криви Дрини“ во некоја институционална вукојебина; а кога ќе решат дека им е доста од вас, немаат ни елементарно воспитување да ве викнат на едно проштално кафе, за макар лицемерно да ви ги образложат причините за смената и да ви се заблагодарат пред да ве шутнат во газот… Тие мислат дека сите луѓе со некаков професионален и личен интегритет треба да бидат среќни и доживотно благодарни што ги поставиле на одредена функција, оти нивната партиска војска гине за тие функции и не ни очекува елементарна коректност за возврат. Претпоставката е дека „возвратот“ сами ќе си го одработат во институцијата со која раководат – море и двојно повеќе, ако не ги фатат!
Добро, што е право, кога е во прашање СДСМ и јас, таа рана лекција во мојата професионална кариера за тоа со кого си имам работа, и партиски и персонално, многу ми користеше во животот. Впрочем, за таа институционализирана невоспитаност, да не кажам и политички простотилак кај македонските социјалдемократи, пред сè од Црвенковски, а научено од Глигоров, на нивната партија до денес, во континуитет од речиси 25 години, им ја „наплаќам“ сметката (во што спаѓа и овој текст!), нешто од принцип, а нешто и заради педагошките општествено-политички причини.
Но, џабе принципи и педагогија, сите овие години…
Ете, еден пријател, неодамна сменет од својата мошне одговорна раководна државна функција, не само што не го удостоиле со студено кафе за да му ја соопштат веста и да му ги образложат причините за смената, туку не добил шанса ни за телефонски разговор со оној кој решавал за тоа! За смената слушнал од медиуми, си ги испразнил фиоките и си заминал. Ни збогум, ни со здравје, не па некој да го праша што и какви му се плановите!?
СДСМ, класика. Мислам дека нема друга партија во државава која така се однесува со луѓето кои, во време кога таа е на власт, се нафатиле да завршат некоја работа. Добро, лицемерие, дворски игри и „ножеви в грб“, се разбира, има сегде, но се чини дека само кај сдсмовциве има организиран пристап во третманот на сопствените кадри како потрошна роба слична на тоалет-хартија. Од некогаш Црвенковски, до денеска Заев, и со и без „метла“. Затоа и имале, традиционално, повеќе проблем со прашањето на лојалноста во сопствената партија, споредено со своите партиски опоненти, дури и кога не би разговарале за болните димензии на таа лојалност, како во случајот на еден Груевски и неговата опсесија со таа димензија во кадровската политика.
Кај СДСМ тоа е така: до денеска можеш да бидеш и на „главната маса“, а од утре да те третираат како да имаш шуга, за веќе од задутре да ги ретушираат и фотографиите на кои и ти се гледаш, курдисани на некоја софра со лидерот. Кај конкуренцијата, ни сликите уште не смеат да ги извадат окачени по ѕидовите во „Белата палата“.
Брат за брат, функција за… Не, поинаку беше, ама ми ја сфаќате поентата.
Извор: Цивил медиа