Во текот на овој месец, до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани дози од двете нови вакцини против пневмокок и рота вирус. Вакцинацијата со нив ќе почне од јули.
Вакцината против рота вирусот спречува развој на симптоми на заболувањето како што се дијареа, повраќање, стомачна болка и дехидратација. Ја намалува потребата од престој во болница и со вакцината се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле (9 од 10 деца).
Пневмококните инфекции се чести во детската возраст, посебно кај тие кои посетуваат градинки. Претходно прележана пневмококна инфекција не значи заштита од идни пневмококни болести. Пневмококната вакцина е најдобар начин детето да се заштити од пневмококна инфекција.
На вчерашната 139. владина седница, прифатена е Информацијата за прогресот на активностите во реализацијата на Акцискиот план за воведување на вакцинација за заштита од пневмокок и рота вирус.