Шефот на ОБСЕ повика СЈО да продолжи непречено да работи

171

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија Клеменс Која денеска изрази загриженост во врска законот за Специјалното јавно обвинителство, што е предмет на разговори меѓу владејачките партии и опозицијата, како и за мандатот на СЈО. Тој ги повика сите партии да постигнат согласност и да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска го презентираше Вториот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кој произлегува од следењето на судските постапки од страна на Мисијата.

Овој извештај покрива 20 случаи за кои СЈО поднесе обвиненија во рамки на статутарниот рок до 30 јуни 2017 и е продолжение на првиот преоден извештај објавен во август 2018 https://www.osce.org/mk/mission-to-skopje/391763?download=true

– Се надеваме дека наодите и препораките во овој извештај ќе бидат помошна алатка на располагање на сите актери вклучени во процесот на одговорност за делата кои произлегоа од прислушувањето, вклучително и на актерите вклучени во судските реформи. Со оглед на клучната улога на СЈО во обновувањето на одговорноста, од особена важност е СЈО да продолжи да ги гони одговорните лица во професионален и независен дух – изјави амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Јанева, меѓу другото, се осврна на наодите од извештајот, потенцирајќи дека СЈО комплетно ги дало доказите, а исто така и на обвинетите дека можат да дојдат во СЈО и да ги слушнат прислушкуваните разговори, но оти никој од нив не го сторил тоа.

Забелешките ќе ги разгледаме на колегиум, рече таа, изразувајќи надеж дека во иднина ќе се почувствува разлика во нивната работа.

– Извештајот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој дава преглед на текот на судењата на предметите во наша надлежност, уште еднаш ја покажува нашата посветеност и истрајност да приложиме значителен обем на докази во корист на покренатите обвиненија. Исто така, ја демонстрира нашата заложба да ги покренеме стандардите за фер судења, насочени кон следење на неказнивоста и промоција на поголема отчетност и примена на владеење на право во Северна Македонија – рече Јанева.

Марија Лаура Фероли, офицер за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, презентирајќи ги наодите и заклучоците истакна дека со цел да се намали ризикот од бегство, правната рамка за извршување на санкциите треба да биде изменета. Од ОБСЕ сметаат дека периодот помеѓу носењето на конечна и правосилна пресуда и моментот на лишување од слобода на осуденото лице да не биде прекумерно долг, упатувајќи на примерот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Извештајот се однесува и за времетраењето на постапките, просечната ефикасност и управување со судските процеси, за правичноста и еднаквоста на оружјата, како и за независноста и непристрасноста на судот.

Извештајот е достапен на следниов линк https://www.osce.org/mk/mission-to-skopje/422579?download=true, и е дел од проект финансиран преку дополнителни буџетски придонеси доделени од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...