Барањата во однос на моралот на политичарите во најшироката јавност се најчесто повисоко поставени отколку кога станува збор за други категории професии.
За многумина одговорот на прашањето дали политичарите своите одлуки треба да ги засновуваат врз морални норми и проценки, е едноставен – и, пред сè, потврден.
Како би изгледало едно општество кое својот развој не го темели врз морални вреднувања? Смислата на позитивни примери во контекстот на вакви прашања секако има за цел да го зголеми нивото на свеста околу довербата што политичарите ја добиваат на избори. Таква функција несомнено имаше и примерот извлечен од скандинавскиот простор, односно написот кој деновиве се појави во македонските медиуми под наслов „Нема никакви привилегии за политичарите во Шведска“.
Живеј како што ги подучуваш другите, е девиза која често се користи во Скандинавија кога се зборува за моралот и политиката. Шведските политичари, како што се тврди во споменатиот напис, тоа го прават, меѓу другото, така што „патуваат во преполни автобуси и возови, исто како и граѓаните чии интереси ги претставуваат“.
Државата не нуди никаков луксуз, а секој што во Шведска ќе се определи за политички ангажман знае дека не го очекуваат „службени автомобили и приватни возачи“.
Може без двоумење да се рече дека ваквиот опис во голем дел ја одразува сликата на секојдневието на шведските политичари, но ефектот на ваквите написи е силен токму кога состојбите се генерализираат. Дали ореолот на скромност е првото нешто што секогаш зрачи од шведските политичари?
Поранешниот шведски премиер Улоф Палме, кој е убиен во атентат во 1986 година (но тоа е друга тема), беше познат и по тоа што често доаѓаше на работа возејќи велосипед по улиците на Стокхолм. Инаку, лично сум имал можнаст да бидам во контакт со повеќемина шведски политичари за кои не им претставува никаков проблем да функционираат меѓу обичниот свет. Неретко се случуваше долгогодишниот градоначалник на Гетеборг, Јоран Јохансон, за разни прашања да дискутира со граѓани додека се возеше во трамвај, а на бројни состаноци во градот пристигнуваше со свој автомобил. Услугите на јавниот сообраќај ги користи и неговата ќерка Ана Јохансон, поранешна министерка за инфраструктура, а моментно социјалдемократски пратеник во Парламентот-Риксдаг, која, како и голем број нејзини колеги, патува со воз.
Оваа тема во Шведска дури се смета и за депласирана. Зошто би се планирале големи инвестиции во железници и патиштата доколку некој се смета за дел од елитата која треба да го избегнува колективниот сообраќај?
Списокот на шведските политичари кои според секојдневните навики и рутини воопшто не отскокнуваат од обичните граѓани и избирачи е долг, но сликата сепак не би била целосна доколку свесно не се спомнат и злоупотребите што ги прават избраните што добиле доверба од народот, а кои, кога ќе бидат откриени, редовно поминуваат со голема медиумска помпа. И тоа во таборите на сите поголеми политички партии и на сите институционални нивоа, без исклучок.
Поранешниот претседател на шведската социјалдемократска партија Хокан Јухолт, по откритието дека ги злоупотребил правилата за користење на служебен стан за преноќевање во Стокхолм, така што таму престојувал со партнерка и, наместо половина, го пријавувал целиот износ на станбениот додаток, по една силна медиумска кампања, беше принуден да даде оставка. Негативниот ефект од Јухолт-аферата во еден период пред неколку години го почувствува неговата партија со забележливо намалување на избирачките симпатии и поддршка од членството.
Најновиот случај на злоупотреба на привилегии и повластици од страна на политичари неодамна предизвика лавина реакции во најшироката јавност. Шведската телевизија во ударни термини ја објави веста дека Елизабет Свантесон, поранешна министерка за пазарот на труд, а моментно пратеник и потпретседател на најголемата опозициска конзевативна партија на Модератите, манипулирала со пријавување на својата адреса на живеалиште, така што нејизното семејство било пријавено со адреса во стан во Стокхолм, додека таа била пријавена на адреса во нејзината викендичка во внатрешноста на земјата, односно во близина на местото од каде што потекнува. На таков начин, иако во принцип не биле прекршени правилата за одвоен живот и патни трошоци, Свантесон инкасирала на сопствена сметка надомест од околу 5.000 евра годишно. Таа сума е значајно пониска од една нејзина месечна плата како пратеничка и висок функционер во партијата, но прашањето на моралната одговорност одекнува експлозивно. Како што по тој повод забележа весникот „Експресен“:
„Партиите треба да престанат со лицемерие: Не е чудно тоа што топ-политичари се преселуваат во Стокхолм, но своите станови и викендички треба да ги плаќаат од свои пари“.
И списокот на шведски политичари фатени во злоуптреби на привилегии не е краток. Годинава беше откриен уште еден случај на пратеник од редовите на Модератите кој бил пријавен на адреса кај мајка му во Нишепинг, на оддалеченост од околу 100 километри од Парламентот, а истовремено го делел станот со својата сопруга и децата во Стокхолм. Тоа му овозможило дополнителна добивка од 15.000 евра. По притисокот од страна на медиумите, претседателот на партијата Улф Кристерсон изјави дека однесувањето на пратеникот Ерик Бенгзбо на сериозен начин го оштетило неговиот „политички кредибилитет“, а по што тој поднесе оставка. Всушност, тоа што е најважно е дека кредибилитетот на пратијата меѓу избирачите не смее да биде загрозен.
Овие примери веројатно доволно јасно зборуваат дека случајот на македонската пратеничка Мира Стојчевска, како и на други нејзини колеги, а кога станува збор за нејзините рекордно високи патни трошоци од околу 12.000 евра, не може да се смета како некаква ендемска појава во изолирано и длабоко корумпирано подрачје на специфично политичко однесување.
Разликата е во тоа што во Македонија, за разлика од Шведска, сериозно поткопаниот статус на јавниот радиодифузен сервис и клиентелистичкиот однос на низа други медиуми, од една, како и калкулантската нерешителност на политичките лидери, кога и дали треба да се пресече, од друга страна, не го нарушуваат само угледот на партиите и нивниот рејтинг, туку, што е уште полошо, и кредибилитетот на самата политика во однос на трошењето на – јавните пари.