Атина и Вашингтон работат за успешен старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ

Не можеше да одговори дали Мицотакис и Нова Демократија ќе се придржуваат до Договорот од Преспа, но се надева на понатамошна изградба на односите со земјите од Западен балкан ако во Грција на власт дојде нова влада.

569

САД и Грција работат на тоа Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ што поскоро, изјави за МИА Џефри Пјат, амбасадор на САД во Грција.

Според него, Вашингтон и Атина работат за успешен старт на преговорите и тоа може да се случи оваа година.

На панелот што денеска се одржа во Атлантскиот совет а посветен на американско-грчкото сојузништво и остварување на стратешките цели на САД во регионот, амбасадорот укажа дека Америка во Грција гледа еден од најсилните партнери кои сестрано ги поддржуваат евроатлантските стремежи на земјите од Западен Балкан.

– Грција тоа го покажа откако прва го ратификуваше протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, и американскиот Сенат неделава ги започнува сослушувањата на оваа тема – изјави Пјат.

САД имаат голема доверба во опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис и веруваат дека одличните грчко-американски односи ќе продолжат и ако партијата Нова Демократија победи на изборите закажани за идниот месец, посочи тој.

Тој не можеше да одговори дали Мицотакис и Нова Демократија ќе се придржуваат до Договорот од Преспа, но се надева на понатамошна изградба на односите со земјите од Западен балкан ако во Грција на власт дојде нова влада.

Тој додаде дека улогата на грчката Влада и грчкиот бизнис како столб на стабилноста во односите со земјите од Западен Балкан е од клучна важност.

– Не само во однос на Северна Македонија, туку и во однос на улогата што Грција ја игра во поширокиот регион, како подобрување на диверсификацијата на снабдувањето со енергенси, како поморска сила во источниот Медитеран во време на нови геостратешки триења во регионот, но и со важната улога на Грчката православна црква.

Амбасадорот ги истакна заедничките интереси на САД и Грција во поширокиот регион каде постојат многу предизвици за иднината, како улогата што ја игра Кина во Европа, и улогата на реваншистичка Русија која е со ослабната економија но со амбиции да предизвика штета.

Пјат истакна дека од голема важност како за Грција така и за САД е Турција да остане дел од западните институции, „иако Грција беше во положба да одговари на многу провокативни потези од страна на Анкара“.

На панелот учествуваа и грчкиот алтернативан министер за финансии, Јоргос Хулијаракис, како и Симос Анастопулос, претседател на Грчка-американската стопанска комора.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...