Ратификувањето на членството во НАТО оди невообичаено брзо. Ако се спореди со претходните бранови на проширувања на Алијансата ќе се види дека земјите-членки испраќаат многу силна порака која треба да ја искористиме и да ја цениме, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
– Првпат се случува во период покус од четири месеци речиси повеќе од половината од земјите-членки да го имаат ратификувано пристапниот протокол за членство во НАТО. Овој месец беше прилично позитивен во делот на ратификации, зад нас е ратификацијата и на Норвешка и на германскиот Бундестаг што е многу важно. Минатата недела се отворија прашањата околу тајмингот на Бундестагот за одлуката за ЕУ, а она што беше добра вест и за жал не помина со толку голем интерес е дека Бундестагот во многу кус временски период го ратификуваше нашето членство за НАТО. Очекуваме утре Чешката Република да ја заврши ратификацијата, а има уште неколку најави без конкретен датум – рече Шекеринска по денешната посета на касарната „Илинден“.
Таа најави дека во Братислава во текот на следниве седум-осум дена ќе почне сослушувањето за нашата земја и се очекува во рана есен да заврши процесот на ратификација.
– Ако се спореди со претходната ратификација на Црна Гора ќе се види колку брзо реагирале дури и институциите кои обично подолго време одлучуваат. Фокусот сега ни е контакт со оние земји-членки кои сѐ уште не го почнале процесот на ратификација, но секаде добиваме позитивни пораки – рече Шекеринска.
Прашана до каде е ратификацијата во турскиот Парламент, Шекеринска рече дека во Турција сега има повторување на локалните избори во некои од општините.
– Ни кажаа дека веднаш штом ќе продолжи да функционира нивниот Парламент на вообичаен начин ќе има и термини кои ќе може да ги планираат за ратификација на протоколот – потенцира Шекеринска.