„Слободата не е бесплатна (Freedom is not free)“, вели деновиве деведесет и шест годишен Американец, учесник во Втората светска војна, по повод одбележувањето на годишнината од истоварувањето на американските трупи во Нормандија.
А нашата слобода, кој платил за нашата слобода? За неа платија македонските и албанските партизани. Првите со црвена ѕвезда петокрака а вторите со двоглавиот орел на своите капи. Првата Македонско-косовска ударна бригада, е всадена во мојата рана меморија. Во својата последна и недовршена книга, мојот татко, Владо Малески, ќе ги напише овие редови за слободата и цената која се плаќа за да се освои:
„…Мечтаената слобода излезе стоглав аждер од сказните злојастен толку бидува, незаситен и незаситлив на слободата – за колку повеќе жртви ѝ даруваш на слободата, да ја здобриш, да ја скротиш, да ја прегрнеш – тритолку бара и бара и бара…Каде е Кузман, каде е Трифун Пановски, каде се Бучко, Коле Канински, Миќо Галиќ…и пред нив Орце, Цветан, Мирче, Страшо, Борка Модерното, Стив, Мите, каде се Дара, Гина, Премче, Мирка…оф, каде се моите другари…од воиштата и од летоците?“.
Ова се дел од луѓето кои платија за нашата слобода во антифашистичката војна, заедно со храбрите војници кои изгинаа на бреговите на Франција пред седумдесет и пет години.И заедно со храбрите Руси, кои ја платија најголемата цена од сите во крв. На првото заседание на АСНОМ кога се конституира македонската држава стојат сликите на Тито, Рузвелт, Черчил и Сталин. Првиот, Тито, ја симболизираше заедничката антифашистишка борба на народите на нова Југославија, додека другите, сојузничките народи. Сме биле, значи, на правата страна на историјата и нашите жртви се дел од тој колективен отпор кон фашизмот, злото кое ја покажа вредноста на слободата за која некогаш треба да се биде подготвен да се умре.
Меѓутоа, еуфоријата од падот на комунизмот, политички систем кој почива врз монополот врз власта на комунистичката партија, уште една форма на неслобода, нѐ направи невнимателни кон нашето гордо минато: со валканата вода, да го исфрлиме и бебето. Нѐ направи да заборавиме дека малубројната Комунистичка партија од сѐ на сѐ 12.000 членови, го организира отпорот на народите на Југославија против Хитлер и неговите сојузници и лично, во првите редови, комунистите ја предводат таа битка. За тоа зборува и фактот дека од 12.000 членови на КПЈ, 9.000 ги положија животите во борбата за слобода.
Тоа е една победничка приказна на храбри луѓе кои предводеле во бој и први гинеле за слобода. Зошто? Затоа што, како што деновиве нѐ потсети американскиот војник, слободата не е бесплатна. Можеме на таа генерација да ѝ најдеме илјада маани и да ги осудиме злосторствата кои се правеле во името на Партијата, но не можеме да го порекнеме историскиот факт дека нивните животи се во темелите на македонската држава денес. Всушност, нивните животи се темелите на нашата посебност. Без нивната борба, немаме на што да стоиме и тонеме длабоко во едно темно минато. Затоа, почитта кон нив е почит кон самите себе.
Сочувството коешто го имав кон учесниците на големата битка во Нормандија, следејќи го директниот пренос на Си Ен Ен, е исполнето и со гордоста дека нашите претци се бореле во истата борба и дека и нивните животи се дел од сојузот да не му се дозволи на Хитлер и на нацистичката идеологија да го поробат светот. Нашите партизани, генерација млади луѓе родени во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна кралството Југославија, учени во српските школите дека се Јужносрбијанци, тие години ја решаваат и дилемата дали постои или не македонска нација. Оттаму и повикот на борба за социјална и национална слобода. Поинаку кажано, за слобода од сиромаштија и за право да се нарекуваме себеси Македонци. Во тие пресудни години еден народ разлеан по рабовите на балканските држави се исправа во достоинство и ја прогласува својата македонска нација.
И еве нѐ денес, седумдесет и пет години подоцна, пред вратите на најуспешниот воен и политички сојуз на западните земји создаден после Втората светска војна, НАТО. Спротивставувавќи му се на Сталин и на новата форма на автократија, демократските земји излегоа како победници во напреварот со комунистичкиот систем на владеење во која пединецот се потчинува на волјата на Партијата, односно на еден човек кој зборува во нејзино име. Зошто победија? Пред сѐ, затоа што на своја страна ја имаа Слободата на човекот, најсилната идеологија на сите времиња.
Сега сакаме да станеме дел од тој свет на човекови слободи, демократија и владеење на правото. Што би рекле нашите претци на ова? Би викнале – предавство? Не, татко ми Владо и мајка ми Милка сигурно би рекле: Одете напред и храбро отворајте нови хоризонти на слободата. Како знам? Од нивниот однос кон Западот. Моите родители, имено, не го сакаа сивилото и насилството на системот во чие создавање учествуваа како партизани и комунисти. Една нивна омилена анегдота беше следнава: Моша Пијаде, близок соработник на Тито, загледан во убавините на Париз и полните излози на дуќаните мрмори: „Ако, ако, и вам ќе ви дојде социјализам“. Да, животот е полн со парадокси.
Извор: Инбокс 7