Лекарската комора на Македонија не ги коментира забелешките на Синдикатот за прекумерно давање моќ на Комората со новиот закон за лекарите.
„Како Лекарска комора го поддржувме донесувањето на посебен закон за лекарите за кој се залагаме безмалку три децении и веруваме дека низ зацртаната процедура ќе се подобрат дел од предложените решенија, пред сѐ, во одредбите за плати и за дополнителна дејност.
Во текот на минатата недела Комората, согласно дадените можности на ЕНЕР-от, и официјално веќе даде свои забелешки и предлози за подобрување на понудените решенија околу правото за дополнителна дејност, на одредбите за платите и некои други одредби“, соопшти Комората.
Оттаму бараат вреднувањето на докторската дејност како високо специјализирана дејност од исклучително значење за поединците и општеството, во мрежата на здравствена дејност да се определува согласно должината на образованието, специјалистичкото односно супспецијалстичкото усовршување и континуирана едукација во смисла на обновување на лиценцата за работа, со основна нето плата.
Основната нето плата да се утврдува така што просечната плата во Републиката се множи со коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти, со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и со коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти.
Вреднувањето на докторската дејност при утврдување на платата на докторите во ПЗЗ да се определува со фиксен дел и дел по основ на капитација.
„Се бара да има либерализација на дополнителната дејност по хоризонтала и вертикала. Дополнителната дејност да се обавува во јавна и во приватна здравствена установа. Се предлага да се има контролен механизам – тело каде ќе се утврдуваат точните критериуми за обавување на дополнителна дејност (критериумите, времето кое треба да го помине како специјалист од одредена област и други услови да бидат регулирани со подзаконски акт) да бидат одредени од секоја специјалност посебно. Цените на услугите да се определуваат спрема пазарот. Времето да се усогласи со одредбите од Законот за работни односи“, се наведува во соопштението од Комората.