Државниот секретар и поранешен раководител на одделение во Министерството за информатичко општество, се осомничени од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во истрага за примање поткуп за избор на фирма која ќе спроведува проект финансиран од ИПА фондовите, официјално потврдија надлежните.
Државниот секретар, кој е на функцијата од 2011 година, Јахи Јахија, е уапсен и за него ќе се бара притвор, додека другото осомничено лице е надвор од државата.
Според информациите, државниот службеник примил мито во кеш од 37.930 евра, а второосомниченото лице зело 2.500 евра.
Истрагата активно се водела изминатите два месеца, а обвинителството и МВР соработувале со Европската служба за спречување измама – ОЛАФ, Европравда, како и со органите во повеќе држави, меѓу кои Италија, Холандија, Романија и др. Предметот го иницирала ОЛАФ која преку обвинителството во Милано побарала меѓународна правна помош од македонските колеги. Откако ја добиле замолницата, македонското обвинителство спровело истрага за нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти во различни институции кои се финансирани од ЕУ.
– Извршени се проверки и потврдување на сомненијата за корупција при доделување на ИПА Фондови во износ од 1,2 милиони евра, во период 2014-2016 година, каде инволвирани биле двајца македонски државјани, а дејствијата биле извршени во Италија, Холандија, Обединето Кралство, Романија и во други европски земји. Во рамките на истрагата во Европравда во Хаг беше одржан и координативен работен состанок заради размена на првични информации – велат од обвинителстото.
Државниот секретар и другото осомничено лице, во периодот од јуни 2014 до август 2015 од италијанска фирма преку посредници, едниот Италијанец сопственик на фирма, а другиот Англичанец – партнер во фирма која има подружница во Скопје, примиле подарок односно патувале во странство во три наврати. Патувањата чинеле 7.000 евра, а на тие патувања давале информации за тендерот односно за условите кои ќе бидат потребни некој да го добие истиот.
– Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра – велат од обвинителството.
Споменатиот поткуп од 37.930 еввра за Јахија, и од 2.500 евра за раководителот, биле дадени во текот на 2016 кога започнало спроведувањето на ИПА проектот.
Во истрагата МВР спровело симултани претреси со италијанските колеги. Во земјава се направиле претреси во пет наврати во Скопје и во Куманово, во две фирми и во Министерството, а во Италија се правеле претреси во осум фирми.
Македонската полиција запленила повеќе од десет компјутери, УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, пари и обемна службена документација, а еден осомничен е лишен од слобода.