Осмиот Струмица опен фестивал почнува утре со полумаратон

124

Со полумаратонот „Струмица на улица“ почнува осмото издание на Струмица опен фестивал. Повеќе од 400 рекреативци и атлетичари ќе трчаат по струмичките булевари на вториот полумаратон.

Според организаторите, годинашното издание ќе биде во знак на спортот, културата, уметноста и музиката.

– Првпат Струмица опен фестивал ќе трае три месеци, односно 10 недели. Во тој период ќе се одржат вкупно 27 настани на рекордни 13 локации во Струмица и околината – информираше Томи Печков од Здружението „Културно-забавен живот“.

Главни ѕвезди на фестивалот се хрватската пејачка Северина и Горан Бреговиќ со „Бијело дугме“. Учесниците во музичката програма ги соопшти градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој  информираше дека Општината го помога одржвањето на фестивалот со 3 милиони денари.

– Особено задоволство ми претставува тоа што фестивалот бележи огромен раст на бројноста и квалитетот на настаните. Од фестивал со седумдневна програма, денес сме тука за да презентираме програма од тримесечно културно лето. Интернационалните гости, не само како дел од програмата, туку и како посетители кои ги полнат хотелските капацитети во  август, се вистински показател за растот на оваа манифестација во силен струмички бренд – рече градоначалникот Јаневски на вечерашната прес-конференција.

На големата музичка сцена на плоштадот „Гоце Делчев“ последните три фестивалски денови, 16, 17 и 18 август, ќе почнат со настапите на „Brass Brothers“, Перо Христов со неговиот 50-годишен јубилеј кариера, „Јупитер“ и гости од „Никад није касно“ и Жељко Самарџиќ. На 17 август концерти ќе одржат Дарио, Бени и „Нон стоп“ и хрватската и балканска ѕвезда Северина.

Фестивалот ќе заврши на 18 август со „2Бона“, Мирза Селимовиќ и Горан Бреговиќ со „Бијело дугме“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...