Сакаме да направиме модерен клинички центар кој ќе служи најмалку во следните 60 – 70 години. Во моментов сме фокусирани на тоа, но и на продолжување на реформите и зголемување на платите на здравстените работници, рече ресорниот министер Венко Филипче во вечерашното гостување на Отвореното студио на МРТ.
– Се што направивме во изминатите две години беше во консултација со здруженијата на пациенти и експерите. Целта беше да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните, а не да се наметнуваат решенија. Продолжуваме да го јакнеме нашиот здравствен систем. Сметам дека ги поставивме работите на вистинскит колосек – подвлече Филипче во дебатата на која се присутни и премиерот Зоран Заев, како и министрите за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација, Мила Царовска и Дамјан Манчевски.
Премиерот Зоран Заев се осврна на опремата во здравството со забелешка дека нејзиното набавување во изминатите години не било согласно потребите и едукацијата и квалификацијата на перосналот. Тоа, напомена, веќе нема да се повтори. Тој апелира до јавните установи проектите да ги реализираат со јавно-приватно партнерство, за државата да нема енормни трошоци.