Испратена е порака за точен термин за состанок со канцеларката Меркел, потврди премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Тој вели дека информациите кои ги објавија германските медиуми дека таа рекла „не“ за брз датум за преговори со Македонија на седница на Комисијата за европски прашања е стара вест.
– Ако видите кога е одржана таа Комисија за еропски прашања, информацијата е стара. Стара е за нас кои сме упатени и разговараме со пратеници, канцелари, премиери и слично – вели Заев.
Со Меркел тој рече дека се големи пријатели и оти успехот на Македонија е и нејзин и успех на сите членки на ЕУ.
– Таа беше лично тука за референдумот, на Денот на независноста да охрабри и да поддржи. Секако политичка поддршка за процесите, но и економска. Верувам дека колку и да се регионалните аспекти причина за одредено калкулирање со одлуките оти ние никако не сме причината, тоа е потврдено, сепак 15 години чекаме, и пријателите и она што значи постулат на ЕУ – ако испорачаат земјите и тие ќе испорачаат, треба да се случи – изјави премиерот.
Заев рече дека има два мегданa за добивање датум за преговори ова лето. Едниот на состанокот на Советот за општи работи (ГАК) на 18 јуни од каде околу 20-21 јуни се очекуваат информации.
– Европскиот совет е тој кој ја носи конечната политичка одлука. Одлуката прво се наговестува преку ГАК или преку министрите за надворешни работи. Тоа е првиот наш мегнад, вториот е 23 или 28 јули тогаш се одржува повторно ГАК. Затоа веруваме дека овие две шанси се одличната шанса – рече премиерот.