Од идната недела на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) ќе биде поставено предлог законско решение за надминување на проблемите на лицата кои живеат во земјава, но немаат документи. Со него треба да се обезбедат услови тие да можат да остварат социјални, здравствени и образовни права, но и во управна постапка да им биде решен проблемот со државјанство.
– Конечно сите институции седнаа на маса и дискутираат за законско решение како овие лица да ги добијат основните права. Прашањето за државјанство и конечно решавање на проблемот веројатно во управна постапка трае многу подолго отколку остварувањето на нивните права. Овој закон треба да го реши проблемот за остварување здравствени, социјални и образовни права на овие граѓани кои се евидентирани како лица без документи. Очекуваме наредната недела законот да биде објавен на ЕНЕР и до предлог текстот да имаат пристап пристап граѓани – изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Таа потсети дека минатата година беше објавен повик на кој што требаше да се јават и евидентираат сите лица кои ги нема во евиденцијата на државата и додаде дека за таа цел има отворен Регистар во Управата за водење на матична евиденција. Невладините организации во изминатите години оперирале со бројка од 4 до 5 илјади вакви лица.