Спасовски: Заплената на имотот да зајакне, 249 лица се под финансиска истрага

Во моментов 249 лица во 154 предмети се под финансиска истрага и кривичен прогон поради организиран криминал.

748

Од исклучителна важност за справување со организиран криминал и корупција е да имаме и финансиски истраги со цел нелегално стекнат имот да не остане во рацете на криминалците и повторно да стекнуваат друга противправна имотна корист, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Петтата сесија на работната група IV-Правда, слобода и безбедност, (Поглавје 24) на тема „Следејќи го патот на парите: Зајакнување на механизмите за финансиски истраги“ што се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Во моментов 249 лица во 154 предмети се под финансиска истрага и кривичен прогон поради организиран криминал.

Спасовски рече дека МВР и другите институции треба да ги јакнат своите капацитети токму во финансиски истраги и конфискација на имот.

– Самиот факт ако ја погледнете статистиката за тоа колку од независноста на државата до денес имало конфискација на имот ќе ви стане јасно дека воопшто не се посветувало внимание на овој проблем, а тоа е еден феномен што ја прави борбата против организираниот криминал неефикасна. Затоа, врз основа на стратегијата за водење на финансиски истраги и конфискација на имот имавме обврска да ги формираме овие одделенија за финансиски истраги специјализирани и веќе тоа го направивме со измената на актите. Веќе подготвуваме пополнување на овие работни места во единиците, обука на луѓето кои ќе работат и многу скоро ќе се започне со специјализирана единица за водење на финансиски истраги иако истакнав дека и досега во одделот за борба против организиран криминал се водеа финансиските истраги – рече Спасовски.

Сите институции исто треба да направат ветинг врз вработените, апелираше  Спасовски, кој повтори дека во МВР веќе е започнат ваквиот процес со цел да се елиминираат луѓето кои имаат врски со криминални структури.

– Важно е сите институции на државата да имаат на ум дека реализацијата на оваа политичка волја за борба против организиран криминал е заедничка и дека сите заедно мораме да се справиме со луѓето кои што не сакаат да ги исполнуваат своите професионални обврски луѓето кои сметаат дека е поважен личниот бизнис интерес и партиски интерес отколку интересот на државата. Институциите што побрзо да се ослободат од ваквите личности, а професионалците да работат на ефикасно ниво против организираниот криминал – истакна Спасовски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...