Реконструиран е влезот во Кавадарци од кај Росоман, а по долги години започна комплетно да се реконструира и фреквентниот регионален пат Кавадарци-Росоман. Увид во работите денеска извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
– Со градоначалникот имаме чести средби, разговараме за сите капитални проекти. Исклучително сум задоволен од процесот на реализација на капиталните проекти. Транзитот кон Кавадарци е направен. Се работи на регионалниот пат Кавадарци – Росоман преку Јавното преторијатие за државни патишта. Паралелно со ова, во државата се работи на преку 550 километри патна мрежа. Во овој дел на нашата држава сериозно се работи и на гасификацијата како капитален проект. Тука се и проектот за водоснабдување во Кавадарци со КФВ банка, кој очекуваме да отпочне некаде во септември, како и експресниот пат Градско-Прилеп. Имаме добра реализација на капиталните проекти, а со оглед и на реализираните проекти на општината за кои информира градоначалникот, сметаме дека Кавадарци навистина може да стане добро место за живеење – рече министерот Сугаревски.
Градоначалникот Јанчев изрази благодарност до Владата на Република Северна Македонија, министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното преторијатие, бидејќи, како што рече Кавадарци конечно почна да го добива она што долго време му беше недостаток.
– Тоа се капитални проекти, инфраструктура. Кавадарци го заслужува ова бидејќи сме економски развиен град, помеѓу првите во нашата држава. Сакам да споменам за големото значење на овој влез од регионалниот пат Р 108 од Росоман, кој го направивме заедно со Министерството за транспорт и врски и Владата, бидејќи имаме зголемен проток на возила на овој влез во градот. Имаме булеварско решение со четири ленти. Следува комплетна рехабилитација до Росоман. До соседната општина ќе имаме комплетно нов асфалт. Со ова решаваме еден долгорочно заостанат проблем, многу лоша инфраструктура. Овде комплетно се решени атмосферски води, канализација, улично осветлување – изјави градоначалникот.
Тој го спомена и мостот во Ваташа, кој е веќе во одмината фаза. Проектот е половично веќе завршен. Станува збор за половина милион евра инвестиција од Владата на Република Северна Македонија.
– Тоа е исто така проект од големо значење. Тоа беше тесно грло со многу сообраќајки. Јавното претпријатие не стави во буџет за два нови проекти, комплетна рехабилитација на патот од селото Марена кон Кавадарци и од Глишиќ кон Кавадарци, со три ленти. Ќе биде решен и тој влез во градот од кај Неготино. Тука е и проектот од месноста Мушов Гроб кон селото Мрежичко. Во делот на гасификацијата, чекаме на потстаница, нашиот основен проект за гасификација со ревизија е веќе готов и предвидува 22 километра, па веднаш ќе отпочнеме со реализација на проектот. Ќе поврземе јавни институции, ќе направиме анкети кај домаќинствата за гасот, иако постои голем интерес. Со тоа ќе го решиме загадувањето – нагласи Јанчев.
Тој се осврна и на проектот за водоснабдувањето вреден 850 илјади евра, договор потпишан преку КФВ банката со Министерството за транспорт и врски и финансии. Проектот треба да отпочне за месец дена и да биде завршен за шест месеци. Станува збор за комплетна реконструкција на два километра водоводна мрежа на улица „Дешка Тошева”. Проговори и за 2.5 милиони евра кои се добиени како грант во втора фаза преку Министерството за транспорт и врски, КФВ и Министерството за финансии. Проектите се готови и одобрени и треба да отпочнат од септември. Ќе се добие комплетно атмосферско решение во Кавадарци.
– Искрено да ви кажам како градоначалник, сум презадоволен од тоа како се реализираат проектите и што добива Кавадарци. Мислам дека и граѓаните будно го следат сето ова. Имаме прекрасна соработка со Владата и мислам дека никогаш не се изградило толку во Кавадарци, колку сега што се гради. Се надевам на уште подобра соработка и подобра инфраструктура – додаде Јанчев.
Директорот на Јавното претпријатие, Зоран Китанов рече дека минатата година се разгледувало кои проекти да се работат и кога се излегло на терен, се констатирала алармантна состојба на патиштата.
– И затоа, согласно и на заложбите на премиерот Заев, решивме активно да земеме најголемо учество во реконструкција на постоечките патишта кои не беа чепнати и по 40 години. Пример за тоа е мостот во Ваташа. Значи, наместо да садиме жални врби, правиме мост. Многу сум среќен што ќе се користи и ќе има поголема безбедност. Излезот од Кавадарци е пример за заедничка соработка со општината, каде локалната самоуправа си зеде свои обврски околу инфраструктура, а јавното преторијатие беше задолжено со тампонскиот и асфалтниот дел. До крајот на летото ќе завршат работите на овој пат. Може да се примети и дека за прв пат по долги години се чистат каналите, канавките покрај самиот пат. Не застануваме тука – рече директорот, најавувајќи потребна реконструкција и на патот од Неготино, изразувајќи надеж дека и тој ќе влезе во некој од наредните планови. Се работи, додаде, насекаде низ државата.
Во месец јуни ќе почне реконструкцијата на патот од Мушов гроб до Мрежичко, осум километри, 813 илјади евра се предвидени за него. Треба да биде завршен до крајот на летото.
Во моментов, додаде Китанов, се рехабилитираат околу 400 километри и тие ќе бидат завршени до крајот на годината.