Кога главата ќе ти се претвори во топка

302

Многу ми се допадна дефиницијата на Сашо Орданоски: „(…) тие им го расипуваат ентузијазмот и ќефот на илјадници други навивачи кои имаат право да се радуваат на спортските победи на своите, нашите тимови“. Воопшто не се сомневам во изречената дефиниција на Орданоски, дури до некаде и се сложувам. Секој има право да навива за својот клуб… Реков „има право да навива“?

Џон Тунис, месец дена пред летните олимписки игри во Берлин 1936 година, својот текст го започна со следниве зборови: „Диктаторите го измислија спортот – тоа беше неизбежно“. Ако сепак сте го прочитале овој текст (во што не се сомневам?), ќе видите дека тој сакаше да ја потенцира различната улога на спортот и демократијата во фашистички режими, така што навивањето, потенцира Тунис, во суштина е расистичко. Спортот тука не е за рекреација, забава и натпреварувачки дух, или пак здрав начин на живот, туку пропагандно сретство за промоција на чувствата на супериорност кои се од витално значење за опстанокот на дадената нација.

Спортот станува важен чинител во проектот за создавање силна и хомогена држава, со цел за биолошки спас на нејзините граѓани од декадентните замки на демократијата.

Во Македонија пред неколку дена, нашиот најистакнат ракометар на „Вардар“ Стоилов, во тим со многу странски имиња, го освои европскиот трон. Ракометниот клуб „Вардар“ ја освои шампионската европска титула и официјално стана гордост на македонската нација. Потоа, сосема предвидливо, се започна со опасни глупирања и изјави кои беа мотивирани благодарение на „националниот занес“: „нашето име е Република Македонија“, следствено на тоа пристигна и „борба за чиста Македонија“, па малку дерење по премиерот Заев, бидејќи тој не е решавач на отворени и билатерални спорови, туку тој во очите (и паметта?) на нашиот национ е „предавник кој ни го сменил името“, па следствено на тоа, „Зоран Заев предизвикал геноцид на македонското ткиво затоа што го обезличил, го избришал…“, да ти пукне бабулето од толку досадни наративи кои ете, после триесетина години независност, сѐ уште работат.

Отсуството на нашата држава да се справи со расистичките и фашистичките изливи на навивачките групи во спортот, најблаго речено, е неразбирливо. Македонската држава ги игнорира ваквите појави на спортистите и навивачките групи на игралиштата и трибините, додека меѓународните спортски организации редовно ги санкционираат ваквите дивеења и повиците на расистички линчувања на поединци и етникуми.

Јас не знам дали во оваа земја има нешто што се нарекува „Национален совет за спречување на негативните појави во спортот“, како што се на пример насилствата на терените и наместените натпревари. Од друга страна, не може – и не смее – ниеден натпревар да биде вежбална за националистички слогани (и дерење по „различниот“), а неретко се завршува во фашизам: дивеење на улиците. Решението на овој горлив проблем не се гледа, експертите велат дека со децата и младите треба да се работи долго и стрпливо. Што во превод би значело дека учениците и студентите би морало да станат општествено свесни и одговорни од последицата дека политиката и спортот не е обична игра во кои некои играчи трчаат по кожурестата топка и се радуваат на дадениот гол, ниту пак политиката е игра во која најдобрите и најморалните ги креираат и усмеруваат судбините на безброј луѓе.

Сакам да кажам, работата на политиката е јасно да ги артикулира проблемите, прецизно да ги дефинира појавите и ако не може да ги отклони, барем да ги ублажи. Сосема поедноставено: популарната култура служи како замка; таа ги усмерува и ги ублажува опасните „страсти“ на навивањето. Политика, сосема обратно, треба да биде на сосема друга страна од популарната култура. Политиката не треба да ги прикрива конфликтите, ама треба да ги води кон нивно мирно разрешување. Тоа е единствена шанса да се живее заедно во сложените општества. Се што во спортот и навивањето е дозволено, во политиката не е дозволено.

Премиерот Зоран Заев не смее да си доволи политиката во оваа земја да се претвори во спортска арена, односно политичкото поле да биде стадион, а политиката навивање. Неволјата е во тоа што симболичното истребување на непријателот во спортот е едно, а политичкиот непријател во политиката престанува да биде симболика. Оттука може слободно да се заклучи дека политиката во Македонија е игра на живот и смрт, а изборите буквална егзекуција на противникот. Оттука ме збунува и слабата реакција на управата на клубот „Вардар“, слабата реакција на медиумите кои, исто така, ја подгреваа еуфоријата во потрага по кликови и читања, и слабата и зачудувачка реакција на владата, речиси како да им влегоа во уста на овие хорди од навивачки морони. Или овде уште еднаш се потврдува прастарата максима, дали спортот е пропагандно сретство за да се пренасочи вниманието на другите, поважни проблеми во оваа земја?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...