Државниот просветен инспектор (ДПИ), попладнево испрати известување во кое се оградува од изнесените наводи за нерегуларности во постапките за избор во наставно-научни звања на актуелни функционери, членови на Владата, а утврдени од страна на Државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски на Универзитетот во Тетово.
Mинистерот за образование и наука Арбер Адеми, и двајца сегашни функциoнери во Владата незаконски се стекнале со наставно-научни звања на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово – заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, тврди просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, објави Факултети.мк.
Соопштението од ДПИ го пренесуваме интегрално:
„Наводите за нерегуларностите изнесени од страна на посочениот Државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски не претставуваат официјален став на институцијата каде работи истиот (Државен просветен инспекторат) и истите се изнесени како негов личен став и негова самоиницијатива со нецелосно утврдена фактичка состојба за посочените предмети на високообразовната установа, како и во време кога истиот користи годишен одмор, што претставува кршење на законската регулатива која го регулира ова материја.
Државниот просветен инспекторат се оградува од неговите лични ставови, поради што е покрената постапка за целосно утврдување на фактичката состојба на високообразовната установа за и околу спроведените постапки за избор на наведените лица во наставно-научни звања, за што даден е налог (на ден 05.06.2019 год.) до Раководителот на сектор за инспекциски надзор да се спроведе вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово.
На ден 06.06.2019 година спроведен е вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, а во врска со спроведените постапки за избор во наставно-научни звања на посочените лица. Одземена е многубројна документација од надзорот и истите се предмет на утврдување на фактичката состојба. По добиените резултати од надзорот и утврдување на целосната фактичка ситуација односно со фактичка ситуација окончување на постапката дополнително јавноста ке биде информирана“, се вели во попладневното соопштение на Државниот просветен инспекторат.