Две понуди пристигнале на повикот за доделување Договор за воспоставување јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, соопшти денеска Министерството за здравство. Согласно законски утврдените рокови, во врска со отворената постапка понудите пристигнале денеска до 12 часот, преку Електронскиот систем за јавни набавки.
Претстои период на евалуација на добиената документација од заинтересираните економски оператори, сѐ до избор на најповолен понудувач.
Постапката се спроведува согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Законот за јавни набавки, а врз основа на донесената Одлука на Владата од 29.01.2019 година за отпочнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.
„Во законскиот период од 29.03.2019 година до 06.06.2019 година, вкупно 7 (седум) компании (домашни и меѓународни) изразија интерес и подигнаа тендерска документација за учество на овој отворен повик. Во периодот наменет за прашања и одговори, беа добиени прашања од економски оператори во врска со предметот на набавката и препораки за измени и подобрување на тендерската документација и истите уредно беа одговорени согласно предвидените рокови, а дел од препораките транспарентно беа прифатени и тендерската документација беше изменета. Евалуацијата на понудите ќе биде извршена во најкраток можен рок и согласно одредбите од Законот за јавни набавки, по што постапката ќе продолжи со електронска аукција која ќе се спроведе преку Системот за електронски аукции на Министерството за економија“, соопшти Здравство.
По рангирањето и спроведената електронска аукција како последна фаза од постапката, Комисијата треба да донесе Одлука за избор на најповолниот понудувач – приватен партнер за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.