СЈО ја правда Јанева: Гарантираме дека „бомбите“ на „Ел Чека“ не се откај нас

293

Ја гарантираме единствено безбедноста на сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство и ги повикуваме сите кои поседуваат разговори кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите да ги достават до СЈО, реагираат од ова обвинителство.

Реакцијата следува откако, како што велат, различно била протолкувана изјавата на шефицата на СЈО, Катица Јанева, која вчера на новинарско прашање дали може да гарантира дека „бомбите“ на „Ел Чека“ не протекле од СЈО, рече дека во овој момент не може ништо да гарантира.

„Во врска со написите во повеќе медиуми, како и различните толкувања на вчерашната изјава дадена од страна на специјалниот јавен обвинител, ѝ појаснуваме на јавноста дека новообјавените разговори објавени од Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека” не потекнуваат од СЈО. Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработка на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, наведуваат во соопштението од СЈО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...