Гинеколозите во охридската општа болница глава не креваат од работа, додека јавното здравство во источниот дел од земјата мака мачи без доволно гинеколози. Освен од Охрид, Струга и пошироката околина, овие лекари специјалисти породуваат и трудници од Ресен, Дебар, но и од Скопје. Но сѐ почесто се случува тука на свет да дојдат и бебиња на мајки од Западна Европа – токму тоа ѝ се случило на една Холанѓанка која дошла да ги види убавините на Охрид, а дома се вратила со својата рожба.
– Ние сме четворица гинеколози, сосе началничката. Одделот од неодамна е засилен со нас, двајца лекари, кои на товар на државата завршивме петгодишна специјализација на Универзитетската Клиника за гинекологија во Скопје. Годишно кај нас се раѓаат од 500 до 550 бебиња, а имаме родилки и од другите градови во земјата – од Ресен, Дебар, но дури и од Струмица и од други градови од источниот дел на Македонија. Имаме и скопјанки кои се породиле кај нас, но и странкињи, Холанѓанка роди бебе во нашата болница во Охрид – вели д-р Горан Маркоски, гинеколог во болницата.
Директорката на оваа установа, Славица Малеска-Стојадиновиќ, вели дека здравствените услуги во целата болница, па и на овој оддел им се пружаат на сите пациенти кои таму ќе се обратат за помош.
– Ние сме отворена болница и нормално кој како ќе дојде, му се пружа здравствена услуга. Има и предвремени раѓања, а колку што ми е познато, досега не дошла поплака на сметка на вработените на одделот, туку само пофалби. Располагаме со добра опрема за гинекологија, ни фалат специјалисти, кои се сѐ уште на специјализација и ги очекуваме да се вратат и знаењето да го применат во нашата болница. Во случаи кога нема специјалисти, склучуваме договори за работа со други болници и не дозволуваме пациентите да останат без бараната здравствена услуга – вели Малеска-Стојадиновиќ, која е фармацевт.
Началничката на одделот за гинекологија и акушерство, д-р Мимоза Влаши, ни изјави дека во летниот период имаат двојно повеќе работа.
– Лете ни идат туристи од многу држави, плус од Македонија, а дел од нив стануваат и наши пациентки. Да, меѓу нив има и со предвремени породувања, а сите што ќе дојдат кај нас ги згрижуваме. Имаме и педијатри, а, за среќа, и доволно инкубатори, па предвреме родените бебиња ги сместуваме прво кај нас, а потоа, зависно во која недела се, ги упатуваме во терцијарна установа, на клиника, како што е според протоколот. Морам да признам дека лете е двојно понапорно отколку во другиот период од годината, поради зголемениот број туристи, но успеваме добро да се организираме и да ги прифатиме сите пациентки – додава д-р Влаши.
Таа појаснува дека странците веќе не плаќаат неколкупати повисоки цени на услугите, туку трудниците коишто ќе се породат во охридската болница плаќаат како домашни неосигурени лица.
На прашањето носат ли и татковците од странство мекици за честење во болницата, како оние од Охрид и другите градови од земјава, кои дочекале сопругите, додека се на одмор, да се породат токму кај нив, началничката шеговито ни рече:
– Не уште, оние од странство се чини не знаат за тој обичај.