Матурантката Нина Дечева од „Нова“ ќе студира бизнис на три континенти

Зборувам англиски, француски и италијански јазик, во четири години ќе живеам на три континенти и едвај чекам да видам што сѐ ќе научам таму, вели Нина.

3933

Италија или Франција, беше дилемата со која годинава се соочи матурантката од меѓународното училиште „Нова“, Нина Дечева, кога станува збор за универзитетот на кој ќе го продолжи образованието по завршување на средното училиште. Таа беше примена на два високорангирани европски универзитети, но сепак одлучи да ги изучува вештините на глобалниот бизнис на престижниот EDHEC Business School во Франција за кој доби највисока стипендија. Ова бизнис школо е рангирано меѓу најдобрите во Европа, но може да се пофали и со навистина уникатна програма која се одвива на три универзитети на три различни континенти.

Со Дечева разговаравме за патот до престижниот универзитет, предизвиците во школувањето и идните планови.

Нина, беше примена на два силни универзитета, Bocconi University во Италија и EDHEC Business School во Франција. Зошто одлуката падна на EDHEC Business School?

– Конечната одлука каде да се запишам не беше лесна, особено бидејќи можев да бирам помеѓу два високорангирани европски универзитети, но на крајот имаше повеќе причини зашто го одбрав токму EDHEC бизнис школото. Прво, се работи за престижна академска програма, наречена Глобален бизнис, во рамки на бизнис школо што е рангирано меѓу најдобрите во Европа. Второ, програмата која ќе ја следам на EDHEC е навистина уникатна – за време на четирите години поминати на студии, ќе ја имам можноста да следам по една година на три престижни универзитети на три различни континенти; поточно, една година на EDHEC Business School во Ница, Франција, една година на UCLA Extention во Лос Анџелес, САД, и една година на Nanyang Technological University во Сингапур. Овој фактор ми беше многу важен при одлуката бидејќи преку програма како оваа, уште на млади години би имала три сосема различни културолошки искуства. Трето, во секоја од трите држави во кои ќе студирам ќе треба да реализирам по одреден број месеци задолжителна професионална пракса, вкупно една година во текот на студиите, што ќе ми помогне во наоѓањето работа по факултетот. Четврто, базирано на квалитетот на мојата апликација, школото одлучи да ми ја додели неговата највисока стипендија, таканаречената „Excellence Scholarship“, или стипендија за извонредност.

Дали се фокусираше и на универзитети надвор од Европа или знаеше дека
сакаш да студираш на овој континент?

– Локацијата на мојот иден универзитет варираше во текот на целото мое средно
образование. Но, кога всушност требаше да се донесе одлуката драстично ја скратив
листата и се фокусирав на квалитетни академски програми што најмногу ми се допаѓаа, без оглед на локацијата. Патем, јас зборувам англиски, француски и италијански јазик, сум патувала доста и локацијата не беше ограничувачки фактор. На крајот ја одбрав програмата која е всушност перфектна комбинација за мене, одлична академска програма и можност за запознавање на три мошне различни култури.

Може ли да ни го објасниш подетално процесот на аплицирање на овие
престижни високообразовни институции и што е најтешкиот дел од сето тоа?

– Генерално, процесот на аплицирање е процес кој бара сериозен пристап и завидна
количина на време. Конкретните барања зависат од универзитетот, аплицирањето е по
електронски пат и обично се бара да се прикачат транскрипти со оценките од средното образование и биографија, како и да се напише есеј или мотивациско писмо. Есеите не се толку едноставна работа како што може да изгледа на прв поглед, бидејќи бараат голема креативност и оригиналност за да се издвоите од илјадниците други аликанти. Во такви периоди, секоја идеја делува како да може да има и подобра од неа и вистинската инспирација доаѓа во ретки моменти. Универзитетот може да бара и нешто друго при аплицирањето. На пример, за EDHEC бизнис школото каде што ќе одам, покрај другото требаше самата да се претставам со видео од една минута. За вториот круг на селекција имав и интервју преку „Скајп“ во траење од дваесетина минути. Во секој случај, при аплицирањето најважно е човек да биде свој, а не да го пишува тоа што мисли дека универзитетот сака да го види во апликацијата.

Матурантка си во гимназијата „Нова“. Колку училиштето ти помогна при
аплицирањето на овие универзитети и што сметаш дека се најголемите
предности од образованието во „Нова“?

– Гимназијата „Нова“ дава одлична подготовка за студирање во странство. „Нова“ има
прекрасен тим советници кој секогаш е на располагање, му посветува внимание на секој ученик посебно и дава искусен, соодветен совет поврзан со идното студирање.
Советниците користат алгоритми кои им помагаат на учениците во нивното насочување после средното училиште. Од голема важност се и големиот број презентациите кои се организираат во училиштето во текот на годината за секој ученик да добие што повеќе информации околу процесот на аплицирање или пак информации за одреден универзитет. Кај аплицирањето, за есеите мене многу ми помогна искуството од „Нова“, каде во текот на гимназиските денови напишав „милион“ есеи за различни школски предмети. Според мене, образованието во гимназијата „Нова“ нуди неколку предности.

Програмата се одвива според меѓународни стандарди, не се бара меморирање и
репродукција на материјалот туку се бара разбирање на суштината. Постои можност да следите голем избор на предмети на факултетско ниво кај кои оценувањето на
завршниот испит се прави во странство на стандардизиран начин за целиот свет. Важна е флексибилноста, постои можност да се бираат некои предмети и класовите се најчесто поделени според знаењето и интересите на секој индивидуален ученик. Убава е и можноста да се учи во разновидна средина, со ученици од различни земји. Ми се
допаѓаше и тоа што имавме редовни активности посветени на заедницата во која
живееме, за викенди го чистевме Водно или делевме храна за бездомници.

На кој дел од студирањето на EDHEC Business School најмногу се радуваш и што сметаш дека ќе бидат најголемите предизвици?

– Многу сум среќна што ќе бидам дел од три престижни академски средини и едвај чекам да видам што сѐ ќе научам таму. Многу се радувам и на фактот дека во четири години ќе живеам на три континенти. Истовремено, мислам дека тоа ќе биде и најголемиот предизвик за мене. До сега, за време на летните месеци, сум имала искуство со живеење во друга земја, без моите родители, оставена самата да ги организирам сите мои обврски, но овој тип на промена ме чека на многу повисоко ниво и сакам да видам како ќе се справам со тоа.

Каде се гледаш себеси за 10 години од сега? Кои се твоите амбиции и желби
после дипломирањето?

– Досега имам доста вложено во сопствениот развој. Во средношколските денови за време на летото, кога други одмараа, јас одев на неплатени летни пракси и летни школи за јазици. Во текот на редовните студии ќе се едуцирам за различните аспекти на водењето бизнис, а потоа ќе одлучам во која насока ќе продолжам. По дипломирањето сакам да бидам во позиција да го искористам во целост сопствениот потенцијал. Не се плашам од работа. Важно ми е таа да е креативна и динамична. Мислам дека ќе биде нешто глобално. Имам конкретно поле на интерес, ама рано е да се зборува за тоа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...