Дали ќе имаме лето годинава? Речиси сите прашуваме за ова деновиве, бидејќи еве стаса и јуни, а времето никако да се стабилизира. Еве што прогнозираат за ова лето од Управата за хидрометеоролошки работи, иако, како што нагласуваат, сѐ уште е рано за попрецизна временска прогноза. Од УХМР претходно најавија тропски температури веќе од петок и за време на викендот.
– Првата анализа на изгледите на температурата и врнежите во текот на летото (јуни, јули и август) покажуваат дека постои најголема веројатност летната температурата да биде повисока од просечната, т.е. дека ќе има вредности кои се во третиот терцил (повисоки од две третини вредности кои се измерени во периодот од 1981 до 2010 година). Како и за секое лето, голема е веројатноста за појава на топлотни бранови, кои се во зависност од краткорочната динамика на атмосферските системи, и кои не можат прецизно да се предвидат со сезонските изгледи на времето, а за кои УХМР редовно ќе информира во дневните и неделни прогнози – изјави Сузана Алчинова Моневска, раководителка на Одделението за климатологија и промени на климата во УХМР.
Што се однесува до врнежите, додава Алчинова, не постои значителна веројатност за одредување на нивната категорија, така што количеството на летните врнежи ќе има голема променливост во просторот и времето, карактеристично за територијата на Македонија во летните месеци.
Овој мај постуден за 1,7 степен во споредба со претходните години
Месец мај 2019 година се карактеризира со постудено од вообичаено и умерено влажно време во поголемиот дел од државата, односно многу влажно време во југозападот.
Од УХМР информираат дека средната месечна температура варирала од 9,6 степени во Маврово до 17,5 степени во Демир Капија. Споредено со многугодишните (1981-2010) мајски средномесечни температурни вредности, овогодинешните (2019) се пониски за 1,7 степен на ниво на држава.
Ниски, под нулата температури, се регистрирани само во Берово и во Маврово. Најниската минимална температура од -0,7 степен на 1. мај е измерена во Берово и на 8. мај во Маврово.
Во месец мај 2019, месечното количество на врнежи варирало од 31,1 мм во Струмица до 145,9 мм во Маврово. Врнежите се застапени во текот на целиот месец, но поинтензивно во средината на втората декада од месецот. Бројот на денови со дожд во целата Република е значителен (над 11 дена), а најмногу врнелео во Маврово – дури 21 ден.
Максималното дневно количество на врнежи од 47,3 мм, е регистрирано во Маврово на 14. мај.