Владата е позитивно настроена кон инвеститорите, презеде доста активности, а планот за економски раст е една од нив за кој направија подобрување, оцени денеска Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора.
На негов својствен начин, тој рече дека не сака да ја оценува Владата на „полувреме“, оти и во спортот не се земаат предвид само резултатите од првото полувреме, а исто така оценувањето во Австрија и она во земјава е различно, па и лошо ќе се разбере давањето бројчани оценки.
– Како Совет на странски инвестиори ние веќе издадовме „Бела книга“ во која ги дадовме нашите препораки за добра бизнис клима, а компаниите кои работат во Технолошко индустриските зони самите на средба со премиерот и вицепремиерот ги кажаа проблемите. Владините претставници внимателно ги ислушаа, што е добро – рече Петер.
Тој рече дека инвеститорите сакаат брзи реформи, но дека е подобро со реформите да се оди чекор по чекор.
– Некогаш е подобро постепено да се направат стабилни реформи за да можат и компаниите да ги следат. Токму затоа, како Совет на странски инвеститори сето тоа го наведовме во „Белата книга“ каде кажуваме какво очекуваме да биде бизнис опкружувањето и стабилноста во владеењето на правото, а не одевме со општи клаузули што треба да се поправи во тие сегменти – рече Петер.
Петер потсети на ветувањето на премиерот дека 2019 година да биде економска.
– Мислам дека веќе направи неколку чекори во изминативе месеци. Очекуваме тоа да продолжи со засилено темпо до крајот на годинава, но и во 2020 година. Секогаш ги замолувам моите колеги да бидат потрпеливи затоа што економскиот раст не доаѓа од еден во друг месец, туку се потребни години. Сите заедно – домашните компании, странските инвеститори и Владата треба да работиме во таа насока – рече тој.
Тој нагласи дека не е фан на статистиката која, како што рече, се однесува на нешто што се случило претходно и ако го насочите правецот може да манипулирате со статистичките податоци.
– Реалната економија доаѓа и од чувството да се погледнат луѓето кои се во компаниите а кои се на улица, а не само што е презентирано во официјалната статистика. Мислам дека бранот на добрата економија во ЕУ е добра почетна точка за добра економија и во Северна Македонија. Секогаш преферирам да ги земам добрите бројки од статистиката и да бидам оптимист, отколку да ги земам негативните и да бидам песимист во поглед на економијата – рече Петер.