Сослушани сведоци во „Монструм“, судењето продолжува на 24 јуни

68

Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година „Монструм” на СЈО продолжува на 24 јуни, откако на денешното рочиште беа сослушани шест сведоци.

На почетокот на денешното рочиште судијата Огнен Ставрев кажа дека се уште нема нови информации за постапката за екстрадиција на обвинетите од Косово.

Првиот сведок, кој во 2012 година имал сервис каде бил растурен за делови мерцедесот од кој биле регистарските таблички на опел омегата со која се возеле сторителите на делото, беше испрашуван од Судијата Огнен Ставрев, СЈО и одбраната.

На прашање кога забележал дека ја нема регистарската табличка, сведокот рече дека не забележал и објасни дека возилото го купил за делови, но не го префрлил од првиот сопственик, од кого дознал дека ја нема табличката, кога му се јавил по телефон и му рекол дека дошла полиција и го бара возилото.

Сведокот кажа дека мерцедесот со шлеп служба го пренел на фарма на патот за Арачиново каде имал околу 20 растурени возила за резервни делови, а по затворањето на сервисот сите возила ги однел на отпад.

Втор сведочеше, сопственикот на мерцедесот кој, рече дека во 2004 година го продал регистрирано со регистарски ознаки СК 499 МТ. Прашан кога дознал, рече дека полицијата дошла кај него дома додека тој бил на пат и објаснил по телефон дека колата му ја продал на сопственикот на сервис на пластичарска во Скопје.

Трет беше сослушан сведокот, кој во тоа време бил вработен во Македонски телеком, и изготвил табеларен приказ на сообраќајот од базните станици околу Смилковското Езеро.

Сведокот рече дека тој само изработува, односно генерира извештаи и не е техничко лице, а доколку имаат потреба од детали за функционирањето на базните станици треба да поднесат барање до Македонски Телеком од каде ќе им биде посочено лице кое може да даде таков одговор.

На денешното рочиште, беше сослушан и сведокот кој во тоа време работел во ветеринарска амбуланта, од каде го знае сопственикот на фармата со овци и кози Фејзи Азири.

Посочи дека не биле блиски, но имале деловна соработка и му ја лекувал стоката во Брест и Белинбегово.

Следен на денешното рочиште исказ даде сведокот, кој работел со земјоделска механизација, и кажа дека се познава со Фејзи Азири на кого му имал вршено пролетно ѓубрење на неговата фарма.

Последен исказ даде сведокот, кој кажа дека се познава со обвинетиот Фејзи Азири. Одговараше на прашања од обвинителството за разговори меѓу него и Азири април 2012 година, за кои рече дека е точно оти разговарал, но не се сеќава точно на содржината поради долгиот временски период кој поминал.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...