Во рамки на иницијативата „Ride4Women“, почната од неколку европски лекари, денеска се организира возење велосипед на долги патеки, со цел да се подигне свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза на ракот на грлото на матката, потребата за подобрување на целокупното здравје, како и зачувување на животот на жените.
Филипче нагласи дека ресорното Министерство спроведува континуирана кампања за важноста од редовен гинеколошки преглед, со цел избирање матичен гинеколог.
– Согласно Програмата за рана детекција на малигните заболувања за 2019 година се предвидува да бидат испратени 32.000 покани до жени на возраст од 36-45 години (што претставува околу 22 отсто од проценетото женско население на таа возраст), како и да се направат 24.000 ПАП тестови во рамки на организираниот скрининг (посебна Програма финансирана од Министерство за здравство). Исто така, се заложивме да се зголеми буџетот за нов тип вакцина против ХПВ. Наместо досегашната двовалентна, сега е четиривалентна. Апелирам да се зголеми опфатот со вакцинација, затоа што целосно може да се елиминира ризикот да се заболи од ова заболување, кое може да биде и смртоносно. Ќе продолжиме да ја подигнуваме свеста и со различни кампањи и информирање на јавноста – посочи министерот.
Според податоците добиени од центрите за јавно здравје, вкупниот број жени кои примиле покани во 2018 година изнесува 46.438, додека 17.477 од нив не се јавиле на преглед што претставува дури 38% од поканетите жени.
Жените на било која возраст имаат можност да направат ПАП тест при редовен преглед кај својот матичен гинеколог, а оваа услуга е покриена преку Фондот за здравствено осигурување. Во Република Северна Македонија за скрининг на рак на грлото на матката во првиот квартал на 2019 година се поканети вкупно 10.633 жени на возраст од 36-45 години, соопштуваат од Министертсвото за здравство.
– Нашата визија е во здравствените региони каде гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни, како што се Македонски Брод, Демир Хисар, Пробиштип и Крушево да ги обезбедиме овие услуги преку капацитетите со кои здравствениот систем располага на секундарно ниво – истакна министерот Филипче.
Министерот посочи дека посебен акцент е ставен на зајакнување на кадровските капацитети на примарното здравство. Во континуитет се распишуваат и кофинансирани специјализации за матични гинеколози и во изминатиот период има околу 10 специјализанти на кофинансирана специјализација по гинекологија.