Камчев добил пасош за 6 месеци за едукација и за службени патувања

644

Бизнисменот Орце Камчев законски добил привремен пасош, согласност за тоа дало и СЈО, а причините поради кои барал патна исправа се неодложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација, за што доставил и докази во прилог на барањето.

Ова го соопштија од Кривичниот суд во Скопје, откако тој како осомничен во предметот „Империја“ и со одземен пасош беше забележан на Фајнл фор турнирот во Германија каде „Вардар“ стана европски шампион.

Камчев, велат од судот, преку неговите адвокати барал привремен пасш со важност од осум месеци, а по барањето од Кривичен се обратиле до СЈО кое се согласило на бизнисменот да му се издаде документ.

– Со оглед на добиеното позитивно мислење, судот во текот на минатиот месец, со писмо го извести Министерството за внатрешни работи дека дава согласност да се издаде патна исправа со ограничен рок, но со важност од 6 месеци, заклучно со последната служена обврска на осомничениот, а согласно член 41 од Законот за патни исправи, МВР во управна постапка издава патни исправи со ограничен рок по добиена согласност од надлежниот суд – велат од судот.

Оттаму потенцираат дека согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) судот нема можност да не почитува согласност или предлог на надлежен обвинител и да изрекува потешки мерки за обезбедување присуство ако истата цел може да се постигне со поблаги мерки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...