О мој цуцја вогељ, Катице мори, како тоа не гарантираш за бомбите?!

Шокантната изјава на специјалната обвинителка Јанева јас ја разбирам како мала, суптилна и исклучително опасна порака упатена до ДУИ, со шмек на закана - можно е бомбите на „Ел Чека“ да се од СЈО и не можам да гарантирам дека бомбашката кампања нема да продолжи. Мисли ли Катица, или некој поумен од неа, на последиците?

11901

Шокиран сум од изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која потврди дека е можно дел од бомбите што ги објавува „Ел Чеко“ на Фејсбук да се од фондот со кој располага СЈО и дека не може да гарантира дека тие од таму не се излезени.

Ау, по ѓаволите, што значи сега ова? Како ова да се разбере?

Мене ова ми личи на директна и прилично груба порака на Катица до Али Ахмети – јас не можам да ви гарантирам дека бомбите не се од кај нас и дека нема да продолжат да рокаат. Не се препознава ли една мала, суптилна, но многу опасна закана во таа изјава?

А и да не е порака или закана, легитимно е прашањето што утре можат да го постават од Мала Речица – о мој цуцја вогељ, Катице мори, како тоа да не можеш да гарантираш дека од СЈО не истекуваат „бомбите“? Па што можеш тогаш да ни гарантираш? Дека наместо бомби ќе рокаат мандолини?

Вели Јанева, се истражувало. Што има бре да се истражува? Колку што мене ми е познато, менаџирањето со овој опасен материјал, што поранешниот опозиционер и сегашен премиер Зоран Заев го предаде во СЈО, е прецизно уредено со прописи и со протоколи, чија цел е „бомбите“ да се користат само за истражните постапки, а не со нив да се забавува јавноста.

За жал, оваа изјава ги потврдува моите претпоставки, за кои пишував пред некој ден, во мојата колумна под наслов „Бомбашки пленум“. Има фрикови што располагаат со тој опасен токсичен материјал и го (зло)употребуваат за политички уцени и рекет. Во моментов, тие водат и меѓусебна борба за превласт во рекетот, при што се служат со опасни меѓусебни уцени.

Да повторам уште еднаш: нашите некрунисани кралеви на бомбашкиот рекет се истакнати фаци – од разузнавачката заедница, од медиумите, од правосудството и од светот на политиката. Во отсуство на „стечаен управник“ на Македонија и без дозвола, тие си играат со оган. Политичките штети од овие игранки се огромни и допрва ќе се продлабочуваат. Опасно е загрозена меѓусебната доверба меѓу двата коалицски партнера, СДСМ и ДУИ, а од стабилноста на таа коалиција зависат многу нешта, меѓу другото и стабилноста на земјата.

Имам впечаток дека работата сѐ повеќе излегува од контрола, И затоа, јас уште еднаш им предлагам на луѓето кои се примарни извори на снимките од нелегално прислушуваните разговори – тие се главните виновници за оваа драма, а не извршителите на нивните нарачки, како тој фамозен „Ел Чека“! – да се соберат на еден „бомбашки“ самит, да си ги сведат сметките и еднаш засекогаш да ја окончаат оваа бомбашка кампања, која никако да запре.

И за нив и за државата, подобро е тоа да го сторат веднаш и ефикасно, дури не е предоцна.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...