За Кијану Ривс велат дека е културен, пристоен, воспитан и многу приземен актер.
Тоа се и причините зошто многу луѓе го обожуваат, а жените особено. Затоа, информацијата дека актерот во моментот и самиот би сакал да се вљуби ги израдува неговите обожавателки ширум светот. Дотолку што некои од нив отворено почнаа да му нудат љубов.
Имено, Кијану во едно неодамнешно интервју за „Џакарта пост” зборувал за третото продолжение на филмот „Џон Вик“, но и одговорил на неколку поинтимни прашања на новинарот.
Едно од тие прашања било поврзано со неговиот љубовен живот, а актерот истакнал дека во последно време се чувствува осамено, но дека тоа не му претставува проблем бидејќи е оптимист.
– Во моментот не сум во врска, но ако се случи тоа, јас ќе ја сакам и почитувам таа личност. Се надевам дека наскоро ќе ми се случи љубов – изјавил Ривс.
Во интервју исто така зборувал и за тоа дека не се смета за посебна личност:
„Јас сум актер, постојано ме следат папараци. Но, освен тоа, не излегувам често и не правам многу работи во животот. Мошне сум здодевен.“
Кијану додал и дека понекогаш му пречи тоа што е познат и дека се чувствува како животно во кафез, но дека никој не се грижи за тоа во Лос Анџелес. Актерот инаку важи за атипична холивудска ѕвезда, а во медиумите не се појавува без некој повод за тоа.