Апелациониот суд во Крагуевац ја потврди пресудата од осум години затвор за 25-годишниот Александар Љубеновиќ поради убиство на својот 43-годишен татко.
За ова дело, може да се лежи во затвор од пет до 15 години, но судот го зел во обѕир долгогодишното физичко злоставување кое обвинетиот го трпел од својот татко, но и тоа што во моментот на извршување на убиството тој бил млад полнолетник, односно имал 18 години.
Убиството се случило на 21 мај 2013 година во семејната куќа. Кога дознал дека татко му повторно ја малтретирал неговата мајка, обвинетиот го земал пиштолот и со еден куршум го убил на спиење.
Потоа телото покриено било ставено во гепек на „мерцедес“, а следното утро однесено на нива, каде било закопано.
Во закопувањето помогнале две лица, на кои им било кажано дека станува збор за заразена свиња. За ова злосторство се дознало кон крајот на април минатата година, дури пет години откако е извршено.
Во почетокот се мислело дека убиството е извршено од сопругата, но истрагата покажала дека убиецот е постариот син.
Помладиот син не знаел за убиството на својот татко, на прашање каде заминал, мајка му му рекла дека отишол во Јужна Америка. Тој како сведок изјавил дека неговиот татко често ги малтретирал него, братот и мајка му.
Повеќе сведоци потврдиле дека жртвата била насилна личност.
ФОТО: Фејсбук