Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими европските шампиони, ракометарите на РК Вардар кои вторпат ја освоија титулата европски првак.
Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, изрази задоволство од исклучително големиот успех на ракометарите кој, како што рече, не направи сите горди, како поединци и како држава.
– Би сакал сите вас да ве пофалам за вашето однесување, секој од вас имаше исклучителен настап и на спортскиот терен, и надвор од него, со што ја покажавте вашата голема човечност. Најголемиот дел од вас, не се родени овде, но на многумина коишто се родени овде, им одржавте лекции по патриотизам. Покажавте дека сте врвни спортисти и врвни луѓе, ова второто за мене отсекогаш било поважно од она првото. Ви благодарам за тоа – рече Пендаровски.
Шефот на држвата им честиташе на ракометарите и за тоа што не потклекнале на одредени обиди за политизација и комерцијализација на нивниот успех, напротив, како што рече, од почетокот, до крајот на спортскиот поход, покажаа дека не се ничија сопственост, туку дека се дел од клубот, од градот, од државата и од нацијата.
– Оваа држава никогаш нема да заборави што направивте за неа, и кога ќе играте за други држави, за други клубови, оваа држава секогаш ќе биде ваш дом. Овде никогаш нема да бидете третирани како странци, со се што направивте покажавте дека не сте странци, туку наши и дека сите сме едно. Сите во Европа сега говорат не само за клубот, туку и за државата – рече Пендаровски.
Голема благодарност за убавите зборови и искажаните пофалби изрази сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко.
– Клубот не го чувствувам како мој, ова е народен клуб – рече Самсоненко, ветувајќи дека клубот и во иднина упорно ќе се стреми кон поголеми успеси.
Ракометарите во Кабинетот на претседателот во „Вила Водно“ го донесоа европскиот пехар, а на претседателот Пендаровски, како спомен, му дадоа дрес од клубот со број 1 и топка со нивни потписи. Потписот на претседателот Пендаровски, пак, е на топката која тој им ја подари, посакувајќи им натамошен успех на професионален и на личен план.