На брановите на евроскептицизмот

364

Можното пролонгирање на датум за преговори со ЕУ не би требало да го зголемува евроскептицизмот во Македонија. Во контекстот на ваквите експертски оценки најчесто се укажува на појавата на разочарувања меѓу македонските избирачи од застојот на патот на доближување кон европските интеграции, а што обично се сведува на раширените расположенија меѓу граѓаните – „премногу се бара од Македонија, што уште треба да направиме за да не примат“.

Членството во ЕУ се доживува, а што е и разбирливо, како можност за економски развој, подобрување на животниот стандард, отворање на нови работни места и запирање на масовното иселување. Без оглед како се сфаќаат реалните можности и дали воопшто под костумот на македонските политичари постои некакво „волшебно стапче“ за постигнување на таквите цели.

Далеку помалку е присутна свест меѓу македонските граѓани како всушност функционираат механизмите на европската соработка, во сферата на европскиот федерализам и пренесувањето на дел од сувернететот и функциите на националната држава на земјите-членки. А токму од овие прашања произлегува суштината на евроскептицизмот и несигурноста меѓу дел од ЕУ-граѓаните, посебно во периодот пред изборите за Европскиот парламент. Несигурност која се манифестира и со релативно ниска излезност на избирачите.

Според најновото истражување на Евробарометар, европските граѓани и понатаму изразуваат силна поддршка на ЕУ, и покрај присутните тенденции на зголемен популизам и скептицизам. 68 отсто од испитаниците сметаат дека нивната земја има продобивки и заработила од членството во Унијата. Тоа досега е и највисокиот позитивен исход во анкетите правени од 1983 година.

Поимот евроскептицизам го означува отпорот кон тековниот европски економски и политички интеграциски пројект, со Брисел и Стразбур како политички центри. Но, според некои аналитичари, овој поим е едновремено и проблематичен, отворајќи го прашањето дали е соодветно користењето на изразот „скептицизам“ кога станува збор за критички гледишта на граќани во однос на различни политички прашања. Токму затоа, иако поимот евроскептицизам најчесто означува оспорување на европскиот интеграциски пројект, сепак се сфаќа и како делумно чудно етикетирање на нарадно незадоволство. Бидејќи не е воопшто сигурно дека значењето на евроскептицизмот е нешто што всушност се подразбира и е доволно јасно.

Европските интеграции постојано го менуваат својот карактер и насоките по кои се одвиваат. Во таа смисла, „раниот“ евроскептицизам претсавувал нешто друго во споредба со денешниот и најмногу се однесувал на отпорот против заедничкиот пазар. Во подоцнежниот развој на најширок план евроскептицизмот добива содржина со која се прават напори за јакнење на одбраната на националните политички и културни интереси, потпирајќи се врз сфаќањата дека се изложени на закани.

Но, во суштина, не е иста работа да се биде критичен кон ЕУ онака како што таа функционира денес – во еден одреден миг и во однос на ограничено политичко подрачје – како што се афаќа да се биде критичен против самата идеја за една интегрирана Европа, една обврзувачка соработка меѓу демократските држави на европскиот континент.

Базичната критика против ЕУ отсекогаш се однесувала на степенот на федерализмот. Што ќе се одлучува на федерално, а што на национално ниво? Но искуствата зборуваат дека федерализмот е нестабилен според својата природа, при што разгренетата централизација на власта на федерално ниво го претставувала јадрото во критиката која се слуша од редовите на ЕУ-скептични движења. Во периоди на нестабилност, проследени со ослабната соработка на федерално ниво, земјите-членки почнуваат да тежнеат кон сопствени цели – во спротивност со федералните одлуки. Многумина сметаат дека ЕУ во овој миг се движи во таква насока.

Низа етаблирани медиуми од поодамна предупредуваат на популистички закани против иднината на Европа, укажувајќи на опасностите од дејствувањето на ЕУ-критчки настроените партии.Но дали таквиот пораст на десничарски популизам и евроскептицизам всушност не може да се толкува и како реакција на постојано растечката институционална моќ на ЕУ, или како реакција против фактот дека ЕУ денес се состои дури од 28 земји-членки, како и против нереалниот сон за еден заеднички европски идентитет.

Како што неретко се укажува, разликите меѓу земјите-членки – какви што се јазиците, економските капацитети, развиеноста на пазаратите на труд, кавлитетот на владините политики, политичката историја и најпосле културата, како можеби најаважен сегмент – биле сукцесивно тривијализирани во стремежот кон европска интеграција.
Кон таквиот сон веќе со децении е насочен и погледот на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија, која борејќи се со вантрешните грчеви за заштита и афирмација на сопствениот историски и модерен идентитет, не е присутна дури ни на маргините на отпорот кој се обидува да се дефинира како заеднички скептицизам кон развојот што води кон создавање на една европска „супер држава“.

Прашање е затоа каков вид евроскептицизам се зголемува во Македонија поради долгото чекање пред вратите на ЕУ? А и ако веќе се смета дека тоа е контра ефект поради споровозноста на евроинтеграциите, тогаш останува нејасно дали евентуалното продлабочување на евроскептицизмот се случува поради тоа што македонските граѓани за иднината на својата земја гледаат и некаква – друга алтернатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...