Пендаровски: ЕУ треба да остане доследна на очекувањата што ги создаде кај граѓаните

Пендаровски, како што рече, смета дека регионалната соработка е клучна за развој на нашите држави и овозможува поврзување на сите нивоа.

144

Од Европската унија очекувам лидерство и решителност, очекувам неодложно да го одредат датумот за да ги започнеме преговорите за членство. Тое е добитна комбинација за сите засегнати страни, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на регионалната конференција „Проширувањето на Европската унија на крстопат“ на Подгоричкиот клуб, што се одржува денеска во Скопје.

ЕУ, посочи Пендаровски, треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.

– Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори. Секое дополнително одложување на преговорите, ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира гражаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион – рече Пендаровски.

Тој зборуваше и за последниот извештај на ЕК за напредокот и интеграциите.

– Добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. За да стигнеме до тука не беше ниту малку лесно. За многу кратко време успеавме да решиме децениски прашања. Северна Македонија е единствената држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи, туку само отворени перспективи – рече Пендаровски.

Но, како што рече, има уште да се сработи.

– Подготвени сме да ги започнеме преговорите за влез во ЕУ. Членството во ЕУ и во НАТО е нашиот највисок стратешки приоритет. Изразив надеж дека и ЕУ ќе го следи примерот на НАТО и ќе даде датум за почеток на преговорите.Преговорите за членство ќе бидат кохензивен фактор во нашето мултиетничко општество. Датум ќе ги мотивира институциите во државата одговорно да ги спроведуваат суштинските реформи, неоходни за инклузивна, стабилна и функционална демократија. Да не заборавиме дека интеграција во ЕУ е единствениот заеднички содржател на сите земји во Западен Балкан – рече тој.

Пендаровски, како што рече, смета дека регионалната соработка е клучна за развој на нашите држави и овозможува поврзување на сите нивоа.

– Верувам дека Подгоричкиот клуб, како совет на искусни лидери, ќе му помогне и овој пат и вие веќе тоа го правите со вашата амбициозна визија за Западен Балкан „Визија 2030“, визија што е растоварена од минатото и историјата и е целосно фокусирана на сегашноста и иднината – порача Пендаровски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...