Собрани во вака голем број овде, јасно ја испраќаме пораката дека местото на Република Македонија е во НАТО Алијансата. Ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30.членка на НАТО Алијансата, порача премиерот Зоран Заев на Денот на НАТО.
По повод овој ден, НАТО Канцеларијата во Скопје организираше свечен прием на кој се обратија капетанот Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје и Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
– Со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не. Тоа мислам дека веќе е јасно за сите. Затоа политиката на отворени врата на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион – рече Заев.
Тој додаде дека Владата е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеење на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните. Дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наши стратешки цели и одат заедно со нашата амбиција за интеграција во НАТО и ЕУ. Градиме нов дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми.
– Сакам да нагласам дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на нашата држава, во јануари годинава, даде силен поттик на нашите НАТО аспирации. По неговото охрабрување уште поенергично се впуштивме во реформските процеси и во решавањето на билатералните проблеми – рече премиерот.
Заев истакна дека како премиер на Македонија, ред е каже дека и НАТО принципиелно и пријателски возврати, преку поддршката на неопходните демократски процеси во државата, како и во сите политички кризи и предизвици.
– За тоа ви се заблагодарувам на сите и од срце, во име на граѓаните на Република Македонија, во име на оваа Влада и на сите претходни влади. Голема благодарност изразувам до Вас капетане Бартол, на Канцеларијата на НАТО во Македонија и на сите други високи претставници од НАТО и сојузници што зборувате со заеднички глас, кога станува збор за поддршката на Македонија за влез во НАТО- додаде Заев.
Тој потенцира дека во име на граѓаните на Македонија замолува и ќе бара:
– Вреднувајте ги овие наши напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија. 2018 година може да биде историска година за Македонија, ако нашата држава ја добие посакуваната покана за НАТО, како и датум за почеток на преговори со ЕУ.
2018 година, во тој случај ќе биде и година за паметење и за НАТО и за ЕУ, затоа што евро – атлантските интеграции на Република Македонија и на регионот се придонес кон стабилноста и безбедноста, и отвораат можности за економски развој.
Шефот на Канцеларијата на НАТО во Република Македонија, капетанот Горазд Бартол зборуваше за целите на НАТО Алијансата. Капетанот Бартол ги поздрави напорите и успесите на премиерот Заев и Владата на Република Македонија во остварувањето на реформите поврзани со зачленувањето во НАТО и градењето на добрососедски односи. На крајот, тој заклучи дека Алијансата е подготвена да и помогне на Македонија во евро-атлантските интеграции бидејќи од зачленувањето на земјата во НАТО ќе биде голема придобивка за Македонија и регионот, но исто така и за НАТО.