Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната седница одлучи дека нема нерегуларности во предметот што се однесува за исплатата на субвенции на тутунарите од Агенцијата за поддршка на земјоделството.
На денешната седница ДКСК постапуваше по вкупно 14 предмети од областа на спречувањето на корупцијата и по 17 предмети за можен судир на интереси. За повеќе предмети ДКСК одлучи да се затворат и архивираат со образложение дека по добиените информации не биле утврдени нерегуларности, а за еден зошто не е во нивна надлежност да одлучуваат.
Во однос на предметите за кои има конечни одлуки, а кои се однесуваат на изборниот период реферираше Софка Дојчиновска.
Според Дојчиновска во однос на првиот предмет исплатите се сметаат за редовни согласно годишната програма за исплата на субвенции.
– Врз основа на податоците од Агенцијата за поддршка на земјоделството не се потврдува нашето сомневање за нерегуларности при исплатата на субвенции и предлагам да се затвори бидејќи нема елементи за наводното дело – изјави Дојчиновска.
ДКСК, исто така, донесе одлука за отворање постапка за прибирање на информации од една општина за разгледување на пријави за градежни активности во изборен период.
Катица Николова, од ДКСК, побара да се отвори постапка по добиена интересна пријава напишана на рака на 30 страници за состојбите во акционерско друштво формирано од државата.
Заменик претседателот на ДКСК Нури Бајрами информира дека до нив има присигнато над 600 постапки и дека следната седница е во петок.