Тлото во Корча не мирува, само денеска три земјотреси

250

На подрачјето на областа Корча, југосточна Албанија, од првиот земјотрес кој беше почувствуван на 1 јуни во утринските часови, до денеска се регистрирани најмалку 76 потреси со различна јачина.

Само денеска регистрирани се три земјотреси, од кои најсилниот бил во три часот наутро со магнитуда од 3,9 степени според Рихтер.

Серијата земјотреси почна на 1 јуни во 6 часот и 27 минути, кога беше регистриран земјотрес со јачина од 4,9 степени на 18 километри јужно од Корча, а потресот беше на длабочина од четири километри. Вториот следуваше неколку минути подоцна и беше со интензитет од 5,3 степени.

Земјотресите беа почувствувани и во македонските градови Охрид, Струга, Ресен и Дебар.

Според албанските власти евидентирани се 184 оштетени куќи (главно стари градби), од кои 60 отсто се ненаселени. Поради големи оштетувања на нивните домови 230 лица, од нив 160 во Флоќ, 40 во Видово и 30 во Ќафзе, се сместени во колективни шатори подигнати од Штабот за цивилна заштита и армијата.

За жителите од настраданите подрачја, како што информира Министерството за одбрана, редовно има дотур на храна и вода за пиење.

Од друга страна за негрижа од власта денеска се пожалија жителите од Флоќ на средбата со префектот на Корча, Дори Спиролари. Тие тврдат дека не им е доставена ниту храна, ниту кревети, и оти е непрфатливо во еден шатор да бидат сместени повеќе од 25 лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...