Политичко киднапирање на радоста

Јас мислам дека единствено решение за сите овие глупости што ни се случуваат со навивачите е да престане упорното политичкото киднапирање на спортските успеси. Политиката на политичарите, спортот на спортистите и на навивачите! Малите и големи спортски успеси неизбежно ќе бидат повод за мали и големи народни прослави, но нека се остави народот сам да си слави и да се радува. Лицемерните фаци на политичарите нема да ја зголемуваат радоста, само ќе бидат причина повеќе за вакви инциденти.

4965

Им честитам на ракометарите на „Вардар“ за освојувањето на европската шампионска титула. Мојата честитка на клубот и на неговите навивачи не им значи ништо, а и не треба да им значи ништо. Јас не следам ракомет. Ни фудбал и кошарка. Но, ме фасцинира успехот на било кој спортист или клуб што доаѓа од една мала и нејака земја како нашата.

Значи, да повторам, не сум ничиј спортски фан или навивач. Добро, си имам и јас некои свои миленици и миленички во некои други спортови, но сето тоа не е битно. Битно е дека можам да ја разберам страста на навивањето и особено потребата на една нација со кусок самодоверба и самопочитување, да се израдува на еден ваков спортски триумф.

Ја видов таа радост во очите на луѓето додека итав на концертот на Стинг на Градскиот стадион. Од една страна, се исчудував – па добро, по ѓаволите, што би требало мене да ми се случи, за да трубам со сирената на својот автомобил како збрлавен, или да се наметнам со знаме и да урлам по улици? Од друга страна, си реков, а на што друго може да се порадуваат овие кутри луѓе, во ова наше време-невреме?

Патем речено, додека Стинг, на свои 68 години пееше како да има 25, јас некако се „одлепив“ од концертот, па се шеткав во партерот и ги посматрав стадионот и публиката. Нема врска што не си по фудбалот, си велам себеси, баш би било згодно некогаш да си дојдеш овде со сопругата и со ќерката, на некаков фудбалски натпревар (не мора да биде важен или решавачки), да понесеш сендвичи и пијалок (дозволено е?) и така да се зезаш малку, ко на пикник.

Наследство на груевизмот?

Но, да се вратам во реалноста…

Денеска ги читам коментарите за поматената радост на прославата на плоштадот Македонија (уште не му е сменето името?), ги читам осудите за шовинистичката хистерија, а и опомените каде води сето тоа. Иако многу пати досега сум ги осудувал ваквите скандали, овој пат имам многу сериозна причина поради која нема да се придружам кон хорот што го критикува поведението на навивачите, иако без дилема го сметам за нецивилизирано.

Еве, да ја објаснам таа моја причина.

Веројатно се сеќавате дека во минатото, политичкото киднапирање на спортските успеси беше одлика на режимот на Никола Груевски. Не е тоа измислица на Груевски. Сите големи и мали диктатори се фасцинираат од спортот и се трудат да го злоупотребат во политички цели. После секој спортски успех, Груевски организираше големи „народни“ прослави, кои вообичаено завршуваа на ваков начин – со скандирања за „клетите шиптари“, за „чиста Македонија“ итн. Да не заборавиме, имаше и политичко киднапирање на спортот и од другата страна на „барикадата“, имаше прослави на кои се навредуваа Македонците и се палеше македонското знаме.

Она што мене ме храбреше во тоа време, при тие изблици на лудило, беше постоењето на една не толку масовна, но сепак значајна и влијателна група на доблесни луѓе – политичари, граѓански активисти, новинари и други јавни личности – кои имаа храброст јавно да ја осудат таа трагична злоупотреба на спортот и така некако преовладуваше разумот. До следниот скандал…

Замешателство, ама со мерка

За жал, овој пат, во очекување на големиот успех на ракометарите на „Вардар“, многу од тие драги луѓе почнаа да се однесуваат во манирот на груевци – и самите организираа акција на киднапирање на еден спортски успех и на една голема радост на нацијата. Ми се згади уште кога се појавија првите повици за организирано навивање на плоштадот Македонија (не му е сменето името, нели?), а да не зборувам за однапред подготвените лигави постови на Фејсбук, од луѓе кои со ракометот имаат заедничко колку јас со голфот.

Секако, тука ги изземам премиерот Заев, претседателот Пендаровски и градоначалникот Шилегов. Тие, како претставници на државата чиј клуб ја освојува шампионската титула и на градот од каде потекнува тој клуб, имаат и обврска да ја споделат радоста со навивачите и со нацијата. По редот на нештата, тие сигурно ќе организираат и свечени приеми за спортските шампиони, ќе им честитаат за успесите и ќе им кажат на ракометарите дека тие се „амбасадори“ на нашата земја – ах, се сеќавам на таа излитена фраза! – без оглед дали им се допаѓа нејзиното ново име (ова последново нема да им се каже, ама ќе се подразбере).

И тука некаде, според мојот вкус, требаше да заврши замешателството на државниот врв во сенародната радост од успехот на „Вардар“. Сепак, како што прочитав некаде, станува збор за приватен, а не државен спортски клуб и државата и формално нема обврска да се чатали повеќе отколку што треба и отколку што заслужила.

Оставете го народот самиот да се радува!

Арно ама… На некого изгледа му текнало дека баш би било згодно сега власта да организира сенародна прослава и придружни манифестации. Моментов погоден. Две години влада! Па шефот на НАТО во Македонија (Северна, де). Па и оној Стинг во Скопје. Сѐ погодено! Само уште некој да помислел на фактот дека организаторите на „спонтаните“ прослави ќе имаат тешка задача да се радуваат за „Вардар“ и да се оградуваат од неговите палави навивачи, за кои можеше да се претпостави дека ќе ја искористат шансата да возвратат за сите критики што ги трпеа за своите шовинситички испади – и тоа баш од луѓето кои сега им организираат прослава и им ја „присвојуваат“ радоста.

Не знам… Јас мислам дека единствено решение за сите овие глупости што ни се случуваат со навивачите е да престане упорното политичкото киднапирање на спортските успеси. Политиката на политичарите, спортот на спортистите и на навивачите! Малите и големи спортски успеси неизбежно ќе бидат повод за мали и големи народни прослави, но нека се остави народот сам да си слави и да се радува. Лицемерните фаци на политичарите нема да ја зголемуваат радоста, само ќе бидат причина повеќе за вакви инциденти.

ПС. Однапред да си кажам и за најавената Парада на гордоста. Секој обид за политичко киднапирање на овој настан (логистичка поткрепа со јавни ресурси, организирање на администрацијата да присуствува и слични будалштини), ќе биде на штета на храбрите активисти на ЛГБТ-заедницата, а и на двојна штета на политичката елита. Ги сфаќам добрите намери на некои луѓе, но тие треба да сфатат дека патот до пеколот умее да биде поплочан и со добри намери. Да не се случи после по скопските улици да гледаме сцени од кои ќе се срамиме сите заедно. Размислете малку подобро овој пат, има време!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...