Власта го кани Груевски во Собрание за оставката, опозицијата вели може и по пошта

1705
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Поранешниот премиер, кој моментално е во азил во Унгарија, Никола Груевски, викендов најави дека ќе поднесе оставка, но како ќе го изведе тоа засега е нејасно.

Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сфаќањата се дека нивниот почесен претседател оставката може да ја поднесе оттаму, додека, пак, во СДСМ и коалицијата, дел од пратениците сметаат оти Груевски ќе мора да се врати во Македонија.

Различните размислувања во собраниските редови се должат на различни толкувања на Уставот.

„Пратеникот може да поднесе оставка. Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието“, гласи членот 65 од Уставот, а истото го пишува и во Деловникот.

Во владејачкото мнозинство дел од толкувањата се дека највисокиот правен акт јасно пропишува и вели оти Груевски мора да се врати и на собраниска седница лично да поднесе оставка.

Преку Фејсбук, покана му испрати и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој цитирајќи го членот од уставот напиша: Никола те чекаме во РСМ“.

Меѓутоа, сигурно е дека Груевски нема да се реши на таков чекор бидејќи веднаш ќе биде уапсен.

Во редовите на партијата чиј почесен претседател е тој, толкувањата на членот 65 се дека пратеникот треба лично да ја потпише оставката, но не и лично да ја достави.

– Во архива на Собрание оставката потпишана лично од пратеникот може да ја достави и асистент. Тој член значи дека негова оставка не може да понуди неговата партија, пратеничка група или некој друг, туку мора пратеникот самиот да ја потпише – објаснуваат од партијата додавајќи дека праксата памети примери кога пратеникот поднесувал оставка, но не доаѓал лично, а како таков го посочуваат токму Грувски кој се повлече во 2011 година.

До пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собрание сѐ уште не е стигнато никаков абер од Груевски, но периодот е релативно краток бидејќи тој оставката ја најави во саботата.

„Иако правото, уставот и меѓународните документи се на моја страна, јас нема да дозволам нашата партија и пратеници заради мене и мојот мандат да бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на власта и нејзините апологети. Не сакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги затскрива своите криминални политики. Оттука, одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно парламентот ќе го известам во наредните денови“, напиша Груевски.

Додека се очекува како поранешниот премиер ќе го изведе повлекувањето од пратеничката функција, паралелно за него во тек е и постапка за одземање на мандатот поради неоправдано отсуство од работа повеќе од шест месеци.

Во средата Комисијата за мандатно-имунитетни прашања со пет гласа „За“ му препорача на Собранието да го одземе мандатот, а тоа како точка на дневен ред треба да се најде на првата наредна пленарна седница. Пленарка за оваа недела нема закажано, првата која треба да се одржи е закажана за 11 јуни.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...