Заев: Бенефитите од членството во НАТО веќе се видливи

164

Одржувањето на денешниот состанок на Северноатланскиот совет на НАТО во Скопје е најсилната политичка потврда за нашето извесно полноправно членство во Алијансата. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО, потенцира премиерот Зоран Заев во обраќањето пред почетокот на состанокот на Североноатлантскиот совет со кој претседава генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Ова е реализација на напорите и на стремежите на сите генерации политичари од различни политички партии и на сите граѓани од нашата земја од независноста до денес, нагласи Заев.

Ова е резултат, подвлечепремиерот , на неуморната работа на нашите институции, на професионалците од одбраната и безбедноста, но и на сите други институции од државата.

– Членството во НАТО за нас значи мир и стабилност и е најсилна гаранција за нашата безбедност. Веруваме дека тоа ќе донесе подобар живот за нашите граѓани, како на политички, така и на економски план – рече Заев.

Тој додаде дека резултатите се веќе видливи, откако е добиена поканата за членство во Алијансата. Бруто домашниот производ пораснал за 5,5 проценти, невработеноста е намалена за 7,5 проценти, индустријата бележи пораст од 8,8 проценти, а платите пораснале за 6,1 процент. Странските инвестиции, според Заев, постигнале нов рекорд во државата од 625 милиони евра или трипати поголем од просекот во последните осум години, а двојно поголем од најдобрата година досега.

– Секогаш постоел широк натпартиски и меѓуетнички консензус за нашето членство во НАТО. Тоа беше една од нашите идеи и водилки и кога ни беше најтешко. Тоа ни беше мотивација за да се соочиме со тешката безбедносна криза во 2001 година и со тешката политичка криза пред само две години и сите кризи да ги поминеме по мирен пат, на демократски начин и пат на дијалог – кажа Заев и додаде дека успеваме да ја обновиме нашата демократија, да ја ослободиме заробената држава и да ги вратиме демократските начела кои се темелот на НАТО како што се владеењето на правото, професионалните и независни институции и слободни медуми.

Осврнувајќи се на решавањето на отворените прашања со Грција и Договорот со Бугарија, Заев потенцира дека нашата земја придонесува да се промени политичката динамика во целиот регион.

– Работиме да создадеме нов Балкан на 21 век, регион што ќе биде синоним за мир, развој и економски просперитет, регион каде добрососедските односи и блиската регионална соработка ќе бидат основен стандард за секојдневно функционерирање, рече Заев и најави дека во иднина ќе соработуваме со нашите соседи во рамки на НАТО како блиски сојузници или во одржување  и унапредување на нивната соработка со Алијансата. Веруваме – подвлече Заев, и ја поддржуваме политиката на отворени врати на Алијансата.

Премиерот најави дека нашата земја е подготвена до 2024 година да го постигне стандардот од два проценти од БДП за одбраната, со зголемување секоја година за 0,2 проценти. Според него, земјава е подготвена да го носи, као што рече, товарот на обврските од членството во НАТО и да се соочи со сите предизвици на тој пат. Најави дека ќе се зголеми учеството во мировните мисии во НАТО и во фондовите кои помагаат во зачувување на мирот и демократијата во земјите како во Ирак и Авганистан.

– Може да сметате на нашата лојална поддршка во борбата против ИСИС и ДАЕШ – им порача Заев на генералниот секретар Стотелберг и на амбасадорите на 29-те земји во НАТО.

Заев упати порака дека нашата земја ги прифаќа и доследно ги почитува трите столба и обврски на НАТО – пари, способност и придонес.

Тој потсети дека членството во НАТО е наша стратешка одлука верификувана со Резолуција на Собранието едногласано усвоена 1993 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...