Повеќе од половина Грци одбраа вчера да не излезат на гласање во вториот круг од локалните избори за градоначалници и префекти, а според официјалните и конечни резултати од грчкото Министерство за внатрешни работи, Нова демократија е победникот, јави дописничката на МИА од Атина.
Мала излезност, пресврт во Солун и целосна доминација на Нова демократија во цела Грција, се главните карактеристики што го одбележаа вториот круг од локалните избори.
На официјалниот сајт на грчкото МВР по официјалните резултати, мапата на Грција со 13. периферии е обоена во сино – бојата на Нова демократија.
Со преброени 100 отсто од гласовите, во 12 од 13 периферии победници се кандидатите од Нова демократија. Меѓу седумте периферии кои вчера добија префект е и Атика, поширокиот регион на Атина, каде што Јоргос Патулис од Нова демократија доби 65,79 отсто од гласовите, а кандидатката од СИРИЗА, Рена Дуру која вторпат се кандидираше за втор мандат освои 34,21 проценти.
На гласањето за градоначалници, во Атина, убедливо победи Костас Бакојанис од Нова демократија со 65,25 отсто наспроти Насос Илиопулос од СИРИЗА кој доби 34,75 проценти од гласовите.
Во општина Солун, иако Константинос Зервас во првиот круг се бореше за второто место и влез во вториот круг, вчера донесе пресврт и го победи противкандидатот од Нова демократија, Никос Тахаиос, со разлика од над 33 проценти.
Во вториот круг од локалните избори е регистрирана и ниска излезност. За избор на градоначалници гласале 44,83 отсто, а за избор на префекти 41,89 проценти наспроти 59,02 отсто, односно 58,43 проценти во првиот круг.
Доцна синоќа грчкиот премиер ги посети предизборните штандови на СИРИЗА на плоштадот Синтагма во придружба на кандидатите за префект на Атика и градоначачник на Атина, Рена Дуру и Насос Илиопулос. Алексис Ципрас рече дека сега ги обединуваат силите за „битката над битките, што се националните избори“.
Нашите кандидати водеа битка на политичка култура, ги одбранија нашите идеи и ставови со динамика, одлучност и достоинство. Во политиката, како и во животот, многу е важно да се знаеш да победуваш, но да знаеш и да губиш, а најважно од сѐ е повторно да се исправиш и да се бориш, рече грчкиот премиер и им честита на победниците и од СИРИЗА и од другите партии.
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис изјави дека му е особено драго што во 12 од 13 периферии доминираа кандидатите од неговата партија, а „мапата на Грција се обои во сино, што во конкретниот случај синото не е само бојата на партијата туку и бојата на татковината“.
– Резултатот од европските избори предизвика голема политичка промена. За пет седмици доаѓаат клучни парламентарни избори. Тогаш, сите заедно ќе одлучуваме за иднината на земјата. И повторно ќе бидам во првите редови за умерена, цивилизирана предизборна битка. Со вистини, со план, со аргументи. Повторно ќе ја поминам цела Грција. Од град во град, од село во село. Водач ќе бидат нашите конкретни заложби за развој, работа, повеќе работни места, пониски даноци, за поефикасна држава. Така, надежта ќе стане реалност. За нова светла Грција, која сите ја посакуваме. И во која има место за сите Гркинки и за сите Грци – посочи Мицотакис.
Како што вчера објави МИА, Грците вчера гласаа во вториот круг од локалните избори, но со вниманието насочено на предвремените парламентарни избори следниот месец.
Граѓаните со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, на едно од гласачките места во грчката престолнина, истакнаа дека вчера, но и минатиот пат, минатата недела, на првиот круг од локалните и на европските избори, нивниот критериум биле личностите – кандидати, но на 7 јули веројатно е дека ќе одберат партија, бидејќи како што истакнуваат, следните парламентарни избори се особено важни.
ФОТО: EPA / YANNIS KOLESIDIS