Катрин Финч од Велс која ја сметаат за кралица на харфата и најдобра харфистка на сериозната музика во светот и синегалскиот кора мајстор Секу Кеита вечерва во МОБ ќе го отворат 18. „ОФФест“, што ќе се одржува до осми јуни.
Според критиката, Финч и Кеита се извонреден, фален и неколку пати наградуван тандем. Двaјца авантуристички музички виртуозa кои црпат инспирација од сопствените различни традиции и стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот „Clychau Dibon“ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум „Soar“ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи.
„Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури. Покрај индивидуалната висока репутација (Финч ја нарекуваат „кралица на харфата“ a Кеита „најзафатениот кора инструменталист во светот“), тие денес се сметаат за еден од најбараните world-music проекти на деценијата“, пишува за нив организаторот.
Истата вечер првпат концерт во нашата држава ќе одржи македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, а своите почетоци ги бележи во 90-те години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев.
Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Тоа е јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire. Овој ексклузивен настап на ОФФест, претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски и ќе биде составен главно од композициите од „Batania“.
Публиката утре со почетокот во 19 часот во киното „Фросина“ ќе може да погледне еден релативно нов документарен филм, „Mali Blues“. Филмот ја прикажува сегашната состојба во Мали, од безбедносен и политички аспект и борбата на музичарите за слобода… „Mali Blues“ портретира четири извонредни музичари од Мали, интернационалната ѕвезда Фатумата Дијавара, традиционалниот Гриот и виртуоз на инструментот нгони Басеку Кујате, младиот рапер Мастер Суми и туарешкиот гитарски херој Ахмед Аг Кади.
Веднаш по документарецот во МКЦ, во Дансинг салата ќе настапи Басеку Кујате, кој еднаш има настапувано во Скопје. Тој е вистински мајстор и амбасадор на инструментот нгони, древен традиционален инструмент од Западна Африка. Басеку го формирајќи првиот нгони бенд, „Ngoni ba“, составен исклучиво од нгони инструменти со различна големина и тонален опсег. Денес во „Bassekou Kouyate & Ngoni ba“, во чиј состав членуваат неговата сопруга Ејми Сако (популарна африканска пејачка, често нарекувана „Тина Тарнер од Мали“) и синовите Маду и Мустафа Кујате, одржуваат редовни светски турнеи, со стотина концерти годишно, настапувајќи на реномирани фестивали како Fuji Rock во Јапонија, Roskilde во Данска, Northsea Jazz Festival во Холандија, па сè до Glastonbury и Latitude во Велика Британија.
В среда во Националната опера и балет ќе настапи африканската дива Фатумата Дијавара, која е интернационална ѕвезда. Нејзиниот концерт во голема мера ќе биде поп рок концерт на некој начин.
Следниот ден, во четврток во Дансинг салата во МКЦ концерт ќе има групата „Сондорго“ од Унгарија. „Сондорго“ е еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија. Формиран од браќата Ередиќ кон средината на 90-тите години во Сентендре, овој состав е посветен на изведувањето и промовирањето на јужнословенската фолк музика. Постојано се присутни на унгарските и европските фестивали и континуирано настапуваат и со познатиот македонски саксофонист Ферус Мустафов.
Истата вечер концерт ќе има Џамбо Агушеви оркестар, кои имаат многу широк репертоар што не е базиран само на македонската музика.
За седми јуни предвиден е проектот „Љубов и одмазда“ (Love and Revenge) на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза. Во проектот се користат египетските и арапски филмови од најславниот период на таа кинематографија, со многу електроника, танц… Истата вечер концерт ќе има и групата „Ромпарео“ од Колумбија. За сабота е предвидена забава во клубот „Епицентар“ по полноќ. Диџеј сет ќе има Грант Маршал познат под неговиот уметнички псевдоним Daddy G од Massive Attack.
Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура, Град Скопје, Унгарската амбасада и други.