Ден недела: прво, целата Влада јавно реферира со часови, малку пропагандно, малку интроспективно, за сработеното во последните две години; па комплетната егзекутива на НАТО, на чело со Столтенберг, долетува на работни средби во Македонија; по што следува феноменалната, високо емотивна победа на ракометарите на „Вардар“; за денот да заврши со професионално одработениот концерт на безвремениот Стинг на Градскиот стадион во Скопје…
По таков ден недела, кога ќе земе воздух, човек навистина да се запраша што да очекува в понеделник?!
Од понеделник почнува третата година од оваа Влада на власт. На половина од мандатот сите чекаме да ги видиме кадровските промени по министерствата и низ другиот државен апарат. Денешната политика е токму како играње некое финале во врвен ракомет: спортот е интензивен и груб, бара мускули, издржливост, посветеност, дисциплина и многу работа на теренот, во постојан „близок контакт“ со противникот. Но, бара свест и висок ентузијазам за постигнување на заедничката цел, за што треба да го оставиш „срцето“ на теренот.
А гласната публика, седната пред малите и уште помалите екрани, навива и го бодри својот тим со емоции, најчесто со „смалена“ памет за сите околности, со кратка меморија за историјта, со изгубено чувство за пропорции и сразмерни споредби, но со силна желба за успех. Веќе има теории кои предупредуваат дека Марк Цукерберг ќе се покаже како поопасен по опстанокот на демократијата од Трамп, Путин и Си Ѓинпинг заедно!
Опозицијта вели дека земјата економски се распаѓа, а дека во неа цвета корупција и организиран криминал. Александар Николовски за викендот тврдеше дека до помирување нема да дојде ако тоа подразбира амнестија за Заеви, а Антонио Милошоски минатата недела велеше дека компромисот за СЈО може да биде само врз основа на смена на сегашниот состав на обвинителите, со подигнување обвиненија против Катица Јанева за илегалното процесуирање на предмети и дела врзани за минатата власт, вклучувајќи го и него, самиот.
Импресивен е напорот со кој опозицијата се обидува да ја игра својата игра на теренот за да направи „замена на тезите“ и тоа колку желба, страст и пропагандна сила вложува за преку ноќ, во темницата пред утрото, да нè осамне јавна атмосфера на општо незадоволство и граѓански бунт слични на оние во кои тие паднаа од власт. Тие и денеска не можат да ни простат што ги фативме во криминалите, благодарејќи на тоа што самите се снимале додека ги правеле. И го обожуваат и го мразат Груевски истовремено, но бараат тој да се заборави, бидејќи во реалноста, според нивно тврдење, се одвива „режимот“ и „хунтата“ на една нова Фамилија.
Од другата страна стои сегашната власт на Заев која не престана да се воодушевува на ефикасноста на пропагандата за време на претходната власт и на нејзината способност да потроши милијарди на промашени проекти кои овие не можат уште ни да ги испроектираат. Оваа Влада живее во време на најкусиот циклус на вести до сега, во кој ни историскиот успех со приемот во НАТО или „аминот“ од ЕУ се нема време асолно да се прослават бидејќи се веќе „вчерашна вест“ пред надоаѓањето на некоја нова афера заради погрешното паркирање на возилото на некој министер или сомнежот за неправилно потрошени илјада евра. „Истражувачкото новинарство“ е во камерата на телефонот на секој граѓанин, а многу се таквите кои имаат по два.
Заев тоа го разбира и се обидува на овие супер-динамични околности да се прилагоди. За сега е тоа во сферата на кадрите – знаете како викаат, дека нема друга политика освен кадровската – но наскоро, по исцрпувањето на „привлечната моќ“ на евро-атлантскиот, ќе му биде потребен и ако не нов, тогаш барем подновен голем политички наратив што ќе ја мобилизира неговата партија и неговите коалициони партнери, но и јавноста, во подготовката за наредните избори веќе идната година. Оти, како што се знае, во Македонија никој до сега не добил избори со економски раст од 7 или 9 отсто, бидејќи не успеал ни да ги постигне.
Тоа ви е како во ракометот: во финалињата не победуваат само оние кои имаат подобра техника и издржливост, туку и подобра приказна за која се подготвени да „загинат“ на теренот. „Вардар“ ни ја одржа таа лекција во неделата.
Извор: Цивил медиа