Николоски: Помирување ќе нема ако бараат амнестија за Заев

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека според партиски сознанија, идејата за помирувањето дошла по завршувањето на претседателските избори, затоа што, смета Николовски, е извесно дека СДСМ ќе ги изгуби следните парламентарни избори

1654

Помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите што ги имаат правено во изминатиот период. Ако така го замислуваат помирувањето, помирување нема да има, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во Грција ќе има предвремени избори, Нова демократија води пред Сириза. Вашиот колега од Европската народна партија, Мицотакис рече дека ќе го почитува Договорот од Преспа, но ќе се обиде да ги ублажи негативните последици за нив. И Вие сметате дека е можен подобар договор. Се разговарале ли на меѓупартиско ниво, внатре во европската партија за можна промена во некакви идни односи на Договорот од Преспа?

Со Мицотакис не сме разговарале. Но, апсолутно сме разговарале во форумите на Европската народна партија. Јас минатата година, неколку дена пред изгласувањето на уставните промени, во месец октомври, разговарав со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, му презентирав еден план за тоа како мислиме дека можат да се решат работите. Но овие критики покажуваат една посуштествена работа, а тоа е дека процесот ниту во Македонија, ниту во Грција бил инклузивен, односно владите го воделе самостојно. Гледаме со тек на време дека тие влади немаат ни поддршка од населението, во Грција се покажа сега на изборите, во Македонија ќе се покаже на следните парламентарни избори, што кредибилитетот на целиот изборен процес го доведува во прашање, зошто за такво битно прашање, суштинско прашање, за Македонија најбитно, а во Грција е во топ 3-4 прашања, ако не ги вклучите сите сериозни играчи на политичката сцена, се случува ова што се случува сега, а тоа е голем дел од политичката јавноста, но исто така и од населението да е фрустрирано од договорите. Во Македонија заради една работа, во Грција заради друга работа. Тоа е рецепт како не се прават договори. И затоа мислам дека овој договор е неодржлив.

Што подразбирате под неодржлив договор?

Овој договор не фати корен во Македонија. Поразговарајте со секого надвор, ќе ви каже дека не поддржува промена на името. Во Македонија тоа се покриваше во одредени структури со – Ајде мораме да поддржиме промена на името за да живееме подобро. Еве го подобриот живот не доаѓа. Втора година со ред не почнуваат преговори за членство со ЕУ.

Што значи ако е неодржлив договорот? Што значи тоа на долг рок – нов договор, пропаѓање на овој, преговарање нов?

Тоа е работа која е хипотетична, тешко е да се одговори во овој момент, но она што е факт во овој момент за Македонија е дека овој договор корен не фаќа и дека овој договор не е прифатен кај народот и нема ни да биде прифатен.

Новиот претседател, Стево Пендаровски, најави и повика на процес на помирување во општеството. Колку според вас тоа може да се изведе, можно ли е во Македонија да има помирување?

Многу интересно зошто сега СДСМ го иницира ова помирување, првпат зборуваат за помирување. Според нашите сознанија, првпат го кажувам ова во јавност, идејата за помирувањето дошла по завршувањето на претседателските избори, затоа што е извесно дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори и помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите што ги имаат правено во изминатиот период. Ако така го замислуваат помирувањето, помирување нема да има.

Ако за Европската комисија земјата е светол пример, за ВМРО-ДПМНЕ, каков пример е?

За ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е пример каков што е и за сите граѓани кои живеат во државата, а тоа е дека економијата не оди напред, а корупцијата цвета.

Европската комисија во извештаите во 2015 и во 2016 беше доста покритична и тогаш препорача условен датум, а реформите, еве на пример во правосудството, тогаш оцени дека состојбата е уназадена и има политичко мешање во судството, а во годинашниот извештај наведува дека судскиот систем е умерено подготвен и постигнат е добар напредок.

Претходната влада да одработувала, односно да испорачувала, веројатно уште ќе беше влада, не се оди случајно во опозиција. Прашањето е зошто дојде оваа влада? Оваа влада за да ја подобрат претходната влада, за жал, гледаме дека не е подобра од претходната влада.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...