Деновиве, кога насекаде во светот, макар и во рубриките „Деновиве пред години” се одбележува двестегодишнината од раѓањето на големиот и ненадминлив, којзнае за уште колку време заседнат на американски поетски престол Волт Витмен (31 мај 1819) на нашето сé помрзеливо читателство му се нудат тиради за некакви други „големи дејци” чии имиња лефтерно се ставаа на разно-разните новоградби (барокни зданија, катни гаражи, патишта…) Воопшто, ние како да специјализираме заборавност на нашите и на другите цивилизациски вредности. Не е сефте, не е ни отсега. К’смет што сетики помина времето на преименувањето и изместувањето на историските личности и без око да ни трепне – менувањето на историјата…
Нејсе, да го поштедиме Витмен од нашите мигрени, а и ние уште еднаш да ја почувствуваме насладата од неговите поетски врвови. Впрочем, и самиот Витмен велеше дека им се обраќа на идните генерации и ги поредупредуваше дека ги набљудува, да се увери дали вирее она што се зачнало во неговото време, каде се движат неговите поетски пророштва. Тој, имено, постојано им се обраќаше на својата нација и на своето време. А времето го гледаше со ококорени очи, не го измислуваше и не го пакуваше во станиолски пакетчиња од разни книжевни стилови, што инаку, им е омилена занимација на „учените” книжевни зналци. Неговото време беше и време на големата американска граѓанска војна, но тој тоа не го гледаше со политички окалки.
Говорот на Витмен беше народен, без „учена” глазура, но не беше говор на селото или на улиците. Просто: народен говор, нужно обликуван. Спротивно од она што ние го правиме со нашиот народен говор, пребројувајќи ги, на пример, педантно „архаизмите” во книжевното творештво. Витмен го воведе во поезијата и тнр. колоквијален јазик. Еден дел од животот го помина како новинар. Со јазикот на новинарството тој му се приближуваше на огромниот број интелектуалци, кои го разбираа и го читаа повеќе од јазикот на поезијата набабрен со едночудо секакви метафори. Кај Витмен нема ритам и рими, стихот му е слободен, баш таков какво што е времето што го живее. Самиот си го градеше митот за себе, но и за Америка и демократијата. Стана прва буква на современата американска поезија, во која нема вистински наследник, а која не може без него.
Витмен е роден на 31 мај пред двеста години во Вест Хил на Лонг Ајленд. Неговите родители, машала, имале уште осум деца. Самиот тој факт говори дека Волт бил принуден да работи од мали нозе. Пораснал на Менхетен и во Бруклин, работејќи работи што имале врска со издаваштвото и печатарството. Кога дошло време, го основал месечникот „Лонг Ајлендер”. Бил во уредништвата и на некои други њујоршки списанија. Во Њујорк работи како новинар, но наскоро почнува да пишува и песни. Набргу, но не и на брзина, ја напишува и ја објавува како самиздат стихозбирката „Стракови трева”.Еден примерок од книгата му пратил на Ралф Волдо Емерсон, тогашен највисок американски интелектуален авторитет. Емерсон не го криел своето воодушевување: дебитантската книга на Витмен тој ја означува како најзначајно дело коешто до тоа врее воопшто се појавило во Америка, а на Витмен му порачува: „Ве поздравувам на почетокот на големата кариера, која морало некаде да има долг предживот со оглед на таквиот почеток”. По завршувањето на граѓанската војна, на шеесетгодишна возраст, се повлекува во гратчето Хамдлен во државата Љу Џерси, каде што уживал висока почит. Умрел на дваесет и шести март 1892 година.
На сите книжевни зналци во светот им е јасно дека Витмен е мошне оригинална појава, дека пее со „свој глас а не е ехо на други пејачи”. На балканските простори со делото на Витмен ќе се занимаваат и Андриќ и Крлежа. За Андриќ тоа не е само како оној чудотворен јапонски извор кој на човештвото сака да му ја врати веселбата на младите години”, ниту со себе го донесува само „оној крепок мирис на туѓината, туку „тука стоиме вон себе и вон нашата мрачна душа словенска”. За Крлежа, пак, тоа е и пример на вистински творечки однос спрема она што се нарекува поетска традиција и современост, пример чијшто дух вреди да се следи.
Пред четири-пет години, од Конгресната библиотека во Вашингтон дојде сензационална вест: Витмен, за кого време се мислеше дека бил само поет, пишувал и проза. Автор е е романот „Животот и авантурите на Џек Ендл”. Уште се верува дека овој книжевен пронајдок ќе промени сé што досега сме знаеле за Витмен и за почетоците на неговата кариера. Романот е напишан пред објавувањето на стихозбирката: објавуван е во делови во текот на 1852 година, во времето кога почнал да работи врз својата поема „Стракови трева”, објавена три години подоцна. Откривањето на романот е значајно и од други причини. Опсегот на прозното творештво на Витмен до тоа време не бил познат. Оваа книга потврдува дека се борел со желбата да ја изнајде вистинската форма преку која ќе ги изрази своите идеи.
Витман кого го гледаме во „Џек Еннг” сé уште не е самоуверен, посветен поет за кого денес се мисли дека отсекогаш бил. Токму во тоа време тој експериментирал, се испробувал во различни жанрови и модели на пишувањето, трагајќи по оној што е доволно простран за неговото изразување.