За неколку дена…
Овој пат, нема конкретно ветување. Минатиот пат, откако по враќањето од свеченото пуштање на модерниот автопат во Грделичка Клисура владата на Заев беше критикувана зошто кај нас не е пуштен ни километар автопат во овие две години, а посебно се нагласи автопатот Миладиновци – Штип (кој одамна е завршен), министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вети дека свеченото отворање ќе се случи за седум работни дена.
Додека во јавноста се нагаѓаше зошто толку долго се одложува свечениот чин, кога се знае дека по тој автопат едно време се возеше и на диво, јас решив да им верувам на Заев и на Сугарески. Оти, зборот си е збор, нели така некако беше?
И така, броев седум работни дена. Брои, брои и избројав до вчера. Па си реков, ај да не бидам и јас сега на крај срце, кај баш петок да се погоди. Ден пред викенд, кога целата јавна администрација од Скопје се сели во внатрешноста, во ек на земјоделските работи (еве и јас во моментов пишувам практично од бавча).
Потоа си реков, всушност си додадов, заради политичка коректност, можеби е редно со викендот да го врзам и Бајрам, кој се паѓа во вторник. Понеделник не е опција, бидејќи после концертот на Стинг, целата политичка елита ќе биде поспана, а можеби и накисната.
Значи, заклучив, реално е да се очекува Сугарески пуштањето на автопатот да го закаже за – среда.
Секое натамошно одлагање е голем ризик, бидејќи Сугарески и не знае дали ќе биде министер за десетина дена. Како тргнала метлава, кој знае кому ќе му падне честа (или срамот, подобро речено) да отвори еден автопат што чека така неотворен веќе цели две години.
Добро, среда. Баш згодно, среда – среќен ден.
Кога, го слушам денеска Сугарески – да не го тупиме сега (не баш со тие зборови, ама во тој дух), ќе биде за неколку дена.
Хм, за неколку дена… Колку дена се неколку дена?
Му уапа змија сокриена во ќебе, кавадарчанката пред спиење, мене на стануење од кревет. И нема друго, мора да се работи, мора да го одврзам истражувачкиот новинар во себе и да разберам зошто е ова ново одлагање.
И додека пазарам така во „Веро“, мислејќи се од каде да почнам и кого да опитам, замислете, ми приоѓа непознат човек и тивко, во доверба, ми ја открива вистинската причина зошто Заев и Сугарески не можеле да си го одржат зборот.
Голем проблем е во прашање, од техничка природа. Нема врска со патарината, нема врска со некое село чии куќи наводно останале на едната, а нивите на другата страна на автопатот, нема врска што немало некакви приклучници и слично.
Ма јок. Проблемот е многу подраматичен, речиси непремостлив. Имено, сезона е на матурски веселби и свадби и трубачите што беа ангажирани на свеченото отворање на делницата Демир Капија – Смоквица, се презафатени и немаат слободен термин. И сега се бара – мој термин. Ете, тоа е.
А на што би личело свечено отворање без трубачи, без чочек? Па да не беше тој чочек, оној прекрасен тунел кај Демир Капија ќе си останеше безимен. Сега си го викаме Чочек Тунел. Абре за сѐ треба да се има стил и ако по нешто е позната оваа влада, тоа е стилот. Да не спомнувам сега примери, да не ви фрлам сол на лута рана.
Добро, другарчиња, нека ви биде тоа за неколку дена. Ионака за некои работи веќе никој не ве есапи сериозно.